Средба Џафери-Филипиду: Продолжува севкупната соработка и поддршка меѓу Северна Македонија и Хеленската Република како блиски соседи, партнери и сојузници

Премиерот Талат Џафери денеска се сретна со амбасадорката на Хеленската Република во Република Северна Македонија, Софија Филипиду.

На средбата беа потврдени блиските односи и севкупната плодна соработка меѓу двете земји, како блиски соседи, партнери и сојузници во НАТО. Воедно, беа разменети мислења за актуелните политички состојби и беа разгледани и мерките и активностите кои Владата ги спроведува во насока на имплементација на обврските од Преспанскиот договор и организацијата на претстојните двојни избори во земјата.

Премиерот Џафери истакна дека Владата на Република Северна Македонија останува силно определена и посветена на натамошно унапредување на билатералната соработка со Грција и ќе продолжи да манифестира конструктивност и активна соработка во сите области во претстојниот период.

Заблагодарувајќи се на поддршката на Грција за европската интеграција на земјата, како и на активната соработката во рамките на НАТО и другите меѓународни и регионални организации, Џафери изрази надеж дека двете држави ќе продолжат активно да работат на остварување на заедничката визија за економски просперитетен и стабилен регион, интегриран во големото европско семејство на народи.

Премиерот ја информираше амбасадорката дека Владата ќе продолжи активно да работи на имплементацијата на обврските кои произлегуваат од Преспанскиот договор, со кој беше отворено ново поглавје во односите меѓу Северна Македонија и Грција, и во таа насока, изрази очекување за исполнување на преземените обврски од двете страни.

Амбасадорката Филипиду му го честиташе изборот за претседател на Владата и изрази надеж дека досегашната плодна соработка со Џафери и неговата лична енергија и посветеност вложени како претседател на Собранието во унапредувањето на билатералните односи, ќе продолжи и во новата функција. Филипиду ја реафирмира грчката поддршка на евро-интеграцискиот процес на Република Северна Македонија, што беше и лично потврдено во писмото-честитка од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис до премиерот Џафери, при неговото стапување на функцијата претседател на Владата.

На средбата беа разменети мислења за понатамошна соработка во сферата на трговската размена, стратешките инвестиции во енергетиката, и беше потврдена заложбата во иднина да се работи на уште поголемо зајакнување на економските врски и инвестициите во инфраструктурата и меѓусебното поврзување.