Владино-државна делегација свечено го одбележа денот на раѓањето на великанот Гоце Делчев

Владино-државна делегација денеска свечено го одбележа 4-ти февруари - денот на раѓањето на великанот и поддржувач на македонското револуционерно дело и државноста, Гоце Делчев, во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Владината делегација, предводена од првиот заменик претседател на Владата на Република Северна Македонија, Бојан Маричиќ, составена од министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Беким Реџепи, заменик министер за транспорт и врски положија свежо цвеќе и оддадоа почит на истакнатиот револуционер, Гоце Делчев, за неговиот водечки придонес во борбата за слобода и за македонската државност.

Пораките на ликот и делото на Гоце Делчев претставуваат света обврска за сите нас, посебно во процесот на водење на државата кон Европската Унија, креирајќи сплотено општество за сите граѓани.

Настанот во чест на раѓањето на великанот на македонската револуционерна борба, започна со високи државни почести со положување на цвеќе и оддавањето почит кон големиот револуционер, Гоце Делчев, од претставници на државниот врв и од делегациите кои денеска присуствуваа на одбележувањето на денот на раѓањето на Гоце Делчев, меѓу кои претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Горан Мисовски, претставници од Министерството за одбрана, Генералштабот, претставници од Сојузот на борци од НОАВМ, како и претставници на дипломатскиот кор во Република Северна Македонија.  

Меѓу делегациите кои оддадоа почит на великанот Гоце Делчев, беа и претставници на најголемите партии во Северна Македонија.

Владината делегација присуствуваше и на богослужбата посветена на големиот револуционер, Гоце Делчев, со којашто чиночествуваше поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, во сослужение на свештенството.

Чествувањето на 152-годишнината од раѓањето на великанот Гоце Делчев, на утринското официјално одбележување во црквата „Свети Спас“ во Скопје беа свечен спомен на пораките на великанот на македонското револуционерно дело, Гоце Делчев.