Jавна дискусија за нацрт текстот на „Националната стратегија за развој на интеркултурализмот и општествената кохезија, 2024-2026”

Денес, во просториите на Клубот на органите на државната управа, се одржа јавна дискусија за нацрт текстот на „Националната стратегија за развој на интеркултурализмот и општествената кохезија, 2024-2026”, на која воведни обраќања имаа Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Јетон Шаќири, министер за образование и Ана Чупеска, претставник на академската заедница.  

Тој во своето обраќање нагласи дека со денешната јавна расправа се оди и чекор понатаму во развојот на концептот „Едно општество за сите“, во негово збогатување со различни перспективи, вклучувајќи ги граѓаните и граѓанките во обликување на колективната визија за развој на интеркултурализмот во земјава, притоа уважувајќи ги принципите на меѓусебно почитување и толеранција на различностите.

„Со концептот „Едно општество за сите“ емотивно длабоко сум поврзан затоа што бев дел од пионерските чекори на неговото воздигнување на пиедесталот на официјална државна политика, кога работевме на претходната верзија на оваа стратегија, каде се вклучив како координатор на стратешката област за општествена кохезија. Оваа стратегија за која денес ќе дискутираме, е облагодарување, филигранско нијансирање и унапредување на еден процес, кој политички го започнавме уште во 2016 година“, рече вицепремиерот Битиќи.

„Со прифаќањето и развојот на интеркултурализмот во државата се создаваат можности да се искористи богатството на нашето различно наследство, притоа водејќи кон социјалната кохезија и намалување на потенцијалот за внатрешна конфликтност. Интеркултурализмот од една страна претставува и цврст темел за економските текови во општеството, за неговиот просперитет, а од друга страна отвора и пристап до резервоар од креативност, иновации, па и до уникатни пристапи во решавањето на различни проблеми. Економијата не е изолиран остров во општеството, таа на многу начини, повеќе или помалку суптилни или отворени, условно кажано, „комуницира“ со општествената средина, во која симбиотски е поврзана со културното, етничкото, религиозното милје“, нагласи вицепремиерот Битиќи во своето обраќање.

Министерот за образование, Јетон Шаќири потсети дека во изминатите три години по донесувањето на Националната стратегија за развој на интеркултурализмот и едно општество за сите 2020-2022 донесени се поголем број на акти и документи во областа на образованието базирани на принципите на интеркултурализам, демократија, недискриминација, почитување на индивидуалните разлики меѓу учениците како и принципот на разбирање и почитување на „другите”, родова еднаквост, мултикултурност итн. Со што јасно е истакната определбата за исполнување на стратешки приоритети и цели утврдени со Стратегијата.

Во новата предлог „Национална стратегија за развој на интеркултурализмот и општествената кохезија, 2024-2026“, врз општата цел „Унапредување и зајакнување на интеркултурноста во основно и средно образование”, утврдени се три посебни цели. За секоја од посебните цели дефинирани се предлог мерки и активности кои треба да се спроведат во следните три години.

Како претставник од академската заедница воедно и една од експертите кои учествуваа во подготовка како на претходната Национална стратегија „Едно општество за сите”, така и на оваа е професорката, Ана Чупеска, кoja нагласи дека главна цел и приоритети на двете стратегии е да се зајакнат веќе постоечките институции како би можеле да бидат респонзивни во поглед на интеркултурализмот. Стратегијата цели кон социјална кохезија и поинтегрирано општество без притоа да воспоставува системи на доминација на една заедница врз друга.

На Јавната дискусија којашто ја водеше Роберт Алаѓозовски, претседател на Координативното тело за изготвување на Националната стратегија за развој на интеркултурализмот и општествената кохезија, збор зедоа претставници на граѓански здруженија, професори, експерти коишто ја покриваат оваа проблематика.

Тие го поздравија скорешното усвојување на Стратегијата и побараа да се започне веднаш со имплементација на предвидените активности. Очекуваат ефикасност од институциите затоа што имаат чувство дека дел од проблемите остануваат нерешени иако постојано се носат нови стратегии.