Средба Ковачевски-Шмид: Северна Македонија значајно придонесе за ОБСЕ и за европската безбедност

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска во Виена, Австрија се сретна со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид. На средбата беше поздравено успешното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година, со што државата уште еднаш ја покажа посветеноста кон мултилатерализмот.

На состанокот, двајцата соговорници констатираа дека претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ претставуваше комплексна задача, која земјата успешно ја заврши во услови на најголема безбедносна и геополитичка криза на европскиот континент после Втората светска војна.  

Премиерот Ковачевски, на средбата, истакна дека како членка на Тројката, Северна Македонија е подготвена да ја пружи сета поддршка на актуелниот претседавач - Малта и да продолжи да придонесува во процесите за севкупната европска безбедност и стабилност.

Соговорниците разговараа за претстојните изборни процеси кои следат во Република Северна Македонија и ја истакнаа важноста на ОБСЕ на тој план.