Ковачевски-Варадкар: За Северна Македонија нема друга алтернатива освен полноправното членство во ЕУ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и премиерот на Ирска, Лео Варадкар, во рамки на официјалната посета на Северна Македонија, денеска одржаа заедничка прес-конференција.

На прес-конференцијата беше истакната континуираната поддршка од Ирска на Република Северна Македонија на патот кон ЕУ, со којашто годинава одбележуваме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи.

„Ирска е наш силен партнер и поддржувач на нашата европска интеграција и ние тоа високо го цениме. Слободно можам да кажам дека еден од најголемите поддржувачи на европските интеграции на Северна Македонија е премиерот на Ирска, Лео и Ирска. На сите состаноци кои што сме ги имале во Брисел еден од најголемите пријатели на нашата држава бил токму премиерот кој денес е гостин на нашата држава. Токму за време на ирското претседателство со ЕУ во 2004 година, ја поднесовме нашата апликација за членство во Унијата. Оттогаш, добиваме континуирана и гласна поддршка од Ирска, која на проширувањето на ЕУ гледа како на стратешко и безбедносно прашање“, нагласи премиерот Ковачевски на прес-конференцијата, додавајќи дека Ирска е земја од која можеме многу да научиме.

Потенцирајќи дека Ирска е една од првите три држави кои пристапиле кон европскиот проект во далечната 1973, премиерот Ковачевски истакна дека членството во ЕУ беше позитивна движечка сила за општествени и политички промени во Ирска. Ирска, како што рече премиерот Ковачевски, е вистински пример за земја која доживеа економска и социјална трансформација, која има корист од членството во Европската Унија и тоа го демонстрираше во изминатите 50 години членство.

Премиерот Ковачевски, на прес-конференцијата нагласи дека на средбата со неговиот ирски колега Варадкар се договориле за унапредување на економската соработка, а разговарале и за заклучоците на Европскиот Совет од декември кога ЕУ ја повика Северна Македонија да го забрза завршувањето на уставните измени со цел да се придвижи напред во процесот на пристапување во ЕУ.

„Зборувавме за напредокот на реформите, за конкретни реформи кои се имплементираат, за нашите конкретни чекори кои ги преземаме, а не зборувавме дека сето ова треба да се случи во иднина бидејќи тој процес е отпочнат и нешто што нема да заврши. Кога велам дека процесот нема да заврши велам дека процесот на реформите кој што е започнат ќе продолжи. Не постои сила во нашата држава која што може да го стопира пристапувањето на државата во ЕУ, бидејќи нема друга алтернатива и тој процес ќе финишира со зачленување на Северна Македонија во ЕУ во мандатот на следната Влада 2024-та до 2028-ма година која што ќе биде повторно проевропска Влада и која што земјата ќе ја внесе во ЕУ“, порача премиерот Ковачевски, појаснувајќи дека континуирано добиваме целосна потврда за нашите заложби за европска иднина.

„Ја имаме и потврдата дека нашите напори за заштита и на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет денес имаат резултат. Можеме да сме сигурни дека нашите граѓани, идните генерации ќе живеат со ЕУ, горди што се Македонци, со крената глава, со македонски јазик, со македонски идентитет“ истакна премиерот Ковачевски.

На прес-конференцијата премиерот Ковачевски потенцира дека оваа Влада донесе многу тешки одлуки и покажа визија, лидерство и храброст бидејќи тие тешки одлуки значат подобра, побогата иднина, подобар животен стандард за граѓаните, нашите идни генерации да живеат во земја членка на ЕУ, но тоа наместо да биде во некоја друга земја, да биде тука, дома, во Северна Македонија.

„Од тој значаен 19 јули 2022 година наваму и ние и ЕУ ги исполнуваме нашите ветувања. Останува следниот чекор, одлуката нема да е лесна, иако е техничка, но ќе е одлука која ќе се овозможи подобра иднина, за идните генерации, за нас, за нашите деца. Подобар животен стандард, функционално владеење на правото, подобра инфраструктура, подобри услуги за граѓаните, побрз економски напредок, социјална правда, и владеење на демократија. Подобар живот по европски стандарди“, истакна премиерот Ковачевски. При тоа, премиерот Ковачевски нагласи дека полноправното членство во ЕУ е нашата цел, како и дека немаме друга алтернатива и не постои замена за полноправно членство за ЕУ, а дали ќе стигнеме до неа зависи само и единствено од нас.

Премиерот на Ирска, Лео Варадкар, на прес-конференцијата, истакна дека е чест да се биде првиот ирски премиер кој што доаѓа да ја посети Северна Македонија во официјална посета.
„Мојата посета со мојата делегација денес во Северна Македонија и претходно на Косово и Црна Гора го покажува интересот на Ирска и посветеност на овој регион како и нашата решителност да и помогнеме на Северна Македонија и нивните соседи на нивниот пат кон ЕУ интеграција. Приклучувањето кон ЕУ треба да биде национална амбиција, а не партиска или политичка работа и секако за нас кои се приклучивме кон ЕУ, кај нас имаше навистина голем консензус за да се направи тоа.  Сметам дека е важно и за регионалната безбедност на Балканот но и за пошироката безбедност на Европа особено по руската инвазија на Украина која што даде една нова итност во ситуациите“, нагласи премиерот Варадкар на прес-конференцијата.

Ирскиот премиер Варадкар потенцираше дека ЕУ ја трансформираше Ирска во изминатите 50 години и донесе многу економски и други придобивки во земјата.

„Навистина сме среќни што можеме да го споделиме нашето искуство и знаење со вашата Влада во текот на пристапните преговори. Луѓето од Северна Македонија и регионот ќе имаат придобивки од членството исто како што имаше и Ирска кога ние се приклучивме како што кажа и самиот премиер. Секогаш го поддржувавме проширувањето на ЕУ и се радуваме да ја пречекаме Северна Македонија како идна земја членка и се надевам дека напредокот во пристапните преговори ќе забрза. Веќе 10 години ниту една земја не се приклучила кон ЕУ и мислам дека тоа треба да се промени. Подготвени сме да помогнеме онаму каде што можеме особено во врска со реформите“, порача премиерот на Ирска, Варадкар, додавајќи дека билатералните односи меѓу Ирска и Северна Македонија се мошне топли, иако посочи дека има потреба од унапредување.

Политичката стабилност во Северна Македонија, како што оцени ирскиот премиер Варадкар, е важна за Европа.

„И ние во Ирска го имаме искусено уништувањето што го носат конфликтите во заедницата, а сме сведоци и на големите придобивки кои што доаѓаат од мировните процеси. Во мојата посета на Северна Македонија, Црна Гора и Косово дознав повеќе за предизвиците со кои што се соочуваат овие земји во надворешни и внатрешни и ќе си заминам со добро разбирање за важноста на Ирска да помогне на овој регион“, заклучи премиерот на Ирска Варадкар кој му се заблагодари на премиерот за можноста да ја посети нашата земја.


Обраќање на премиерот Ковачевски

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и премиерот на Ирска, Лео Варадкар, во рамки на неговата официјална посета на Северна Македонија, денеска одржаа заедничка прес-конференција.

Во продолжение е интегрален текст од обраќањето на премиерот Ковачевски:

„ Почитуван премиер Варадкар,

Почитувани медиуми,

Почитувани граѓани,

Задоволство ми е што денес сум домаќин на почитуваниот премиер на Ирска и драг пријател, Лео Варадкар. 
На нашата последна билатерална средба во Гранада, во октомври минатата година, го поканив колегата Варадкар да ја посети Северна Македонија. 

Драг Лео, добредојде во Скопје и благодарам што ја прифати мојата покана, да биде првиот премиер на Ирска кој што ја посетил и Република Македонија и Република Северна Македонија.

Со Ирска годинава одбележуваме 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи. И покрај тоа што сме географски оддалечени, од 1994 година до денес, развивме добро ниво на политички дијалог. И затоа сакам да го поздравам и почитуваниот амбасадор на Ирска и секако делегацијата која што е тука денес во Скопје.

Со Премиерот се договоривме дека треба да постигнеме повеќе во нашата економска соработка. Имаме повеќе можности за соработка, особено во областа на информатичката технологија, телекомуникациите, производството на органска храна, енергетиката и туризмот.

Нашата размена не е на некое високо ниво споредбено со други географски поблиски држави меѓутоа сепак е за почитување со оглед на тоа дека Ирска е увозник на наши земјоделски производи, а ние сме увозници од телекомуникациската и од фармацевтската индустрија од  Ирска. 

Имавме одлична средба денес на која што можевме да поразговараме и за европските интеграции на Северна Македонија.

Ирска е наш силен партнер и поддржувач на нашата европска интеграција и ние тоа високо го цениме.
Јас овде можам слободно да кажам дека е еден од најголемите поддржувачи на европските интеграции на Северна Македонија е премиерот на Ирска Лео и Ирска и навистина на сите состаноци кои што сме ги имале во Брисел еден од најголемите пријатели на нашата држава бил токму премиерот кој денес е гостин на нашата држава.

Токму за време на ирското претседателство со ЕУ во 2004 година, ја поднесовме нашата апликација за членство во Унијата. 

Оттогаш, добиваме континуирана и гласна поддршка од Ирска, која на проширувањето на ЕУ гледа како на стратешко и безбедносно прашање. 

Ирска е земја од која можеме многу да научиме. Земја во која обединувањето за суштинските интереси на земјата е секогаш приоритет. 

Како една од првите три држави кои пристапија кон европскиот проект во далечната 1973 година, членството во ЕУ беше позитивна движечка сила за општествени и политички промени во Ирска. 

Ирска е вистински пример за земја која доживеа економска и социјална трансформација, која има корист од членството во Европската Унија и тоа го демонстрираше во изминатите 50 години членство. Бројките говорат најдобро за ова што има постигнато Ирска.

Сите ние кои се занимаваме со политика и пред се вие медиумите кои што следите знаете дека ако некоја држава се развила економски по влегувањето во ЕУ, тогаш тоа е Ирска.

Драго ми е што денес, со премиерот зборувавме за нашата европска иднина, за отпочнатите преговори, за завршениот скрининг и за заклучоците на Европскиот совет од декември кога ЕУ ја повика Северна Македонија да го забрза завршувањето на уставните измени со цел да се придвижи напред кон следните чекори на процесот на пристапување во ЕУ.

Зборувавме за напредокот на реформите, за конкретни реформи кои се имплементираат, за нашите конкретни чекори кои ги преземаме, а не зборувавме дека сето ова треба да се случи во иднина бидејќи тој процес е отпочнат и нешто што нема да заврши. 

Изминатиов период по отпочнувањето на преговорите ние континуирано добиваме целосна потврда за нашите заложби за европска иднина. Ја имаме и потврдата дека нашите напори за заштита и на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет денес имаат резултат. Можеме да сме сигурни дека нашите граѓани, идните генерации ќе живеат со ЕУ, горди што се Македонци, со крената глава, со македонски јазик, со македонски идентитет.

Кога велам дека процесот нема да заврши велам дека процесот на реформите кој што е започнат ќе продолжи. Не постои сила во нашата држава која што може да го стопира пристапувањето на државата во ЕУ, бидејќи нема друга алтернатива и тој процес ќе финишира со зачленување на Северна Македонија во ЕУ во мандатот на следната Влада 2024та до 2028ма година која што ќе биде повторно проевропска Влада и која што земјата ќе ја внесе во ЕУ. 

Токму Ирска најдобро разбира и дека идентитетот и јазикот се две важни карактеристики за секој народ и Ирците многу добро знаат со какви предизвици се соочуваме бидејќи и тие, во други околности и во друго време, поминаа низ еден таков сличен процес. 

Оваа Влада, донесе многу тешки одлуки и покажа визија, лидерство и храброст. Затоа што тие тешки одлуки значат подобра, побогата иднина, подобар животен стандард за граѓаните, значат можност, нашите идни генерации да живеат во земја членка на ЕУ, но тоа наместо да биде во некоја друга земја, да биде тука, дома, во Северна Македонија.

Од тој значаен 19 јули 2022 година наваму и ние и ЕУ ги исполнуваме нашите ветувања.

Останува следниот чекор, одлуката нема да е лесна, иако е техничка, но ќе е одлука која ќе се овозможи подобра иднина, за идните генерации, за нас, за нашите деца. Подобар животен стандард, функционално владеење на правото, подобра инфраструктура, подобри услуги за граѓаните, побрз економски напредок, социјална правда, и владеење на демократија.

Подобар живот по европски стандарди. 

Ако некој сака да компарира што значи земја пред влегување во ЕУ и земја по влегување во ЕУ тогаш најдобро е да го земе примерот на Ирска и да ја види Ирска пред влегување во ЕУ и Ирска по влегување во ЕУ.

Тоа е случај со сите земји кои се приклучиле во ЕУ, Ирска ја наведов како одличен пример затоа и секогаш велам дека Полноправното членство во ЕУ е нашата цел и ние немаме друга алтернатива и не постои замена за полноправно членство за ЕУ. Сите алтернативи кои што се нудат се утопии кои што не можат да дадат ниту приближен резултат на она што го дава членството во ЕУ. 

Дали ќе стигнеме до таа цел, сега зависи само и единствено од нас во Република Северна Македонија.
Како и што зборувавме со колегата Варадкар, во овој сложен и неизвесен геополитички контекст за европскиот континент, иднината на земјата треба да биде врвен приоритет пред сите политички и идеолошки разлики. 

Тоа е важно и во регионален контекст затоа што позитивните примери и напредок на една земја, значат и развој на регионот. И во таа насока, разговараме дека мирен и безбеден Западен Балкан е во корист и на регионот, но и на Европа како целина. 

Светот поминува низ турбулентни времиња, руската воена агресија во Украина, војната на Блискиот Исток, сѐ се тоа настани, кои пред нас како лидери, ставаат тешки и одговорни одлуки, и за осуда на насилствата, и за активна поддршка на партнерите и пријателите, но пред сѐ одлуки кои ќе значат зачувување на мирот и стабилноста на европското тло заради прогрес, заради напредок, заради подобра иднина за сите нас.

На крај, сакам уште еднаш да се заблагодарам за посетата и да посакам понатамошен и забрзан развој и напредок на македонско-ирските односи и соработка. 

И уште еднаш голема благодарност за поддршката која што  јас лично сум ја видел во изминатите две години од премиерот Варадкар и неговиот тим и поддршката која што Ирска на сите состаноци во Брисел ја дава на Република Северна Македонија.
Ви благодарам. “