Средба Бесими со претставници на ИФЦ – Потенцијал за учество на ИФЦ во зелената транзиција и поддршка на приватниот сектор

Можностите за проширување на дејствувањето на Меѓународната финансиска корпорација при Светската банка – ИФЦ во земјава преку учество во финансирањето на проекти од секторот енергетика, пред се обновливи извори на енергија и поддршка на планот за зелена транзиција, како и поддршка на приватниот сектор, беа тема на средбата на министерот за финансии Фатмир Бесими со регионалната директорка на ИФЦ за Европа Рана Карадшех-Хадад и регионалниот менаџер за Западен Балкан Николас Маркиер.

„Постојат повеќе можности за зголемување на активноста на оваа меѓународна корпорација во спроведување на нашиот план за декарбонизација и зелена транзиција на земјава. ИФЦ покажува интерес за финансирање проекти од енергетската област и обновливи извори за енергија, како производство на соларна енергија, проекти поврзани со декарбонизација“, рече министерот Бесими.

Тој додаде дека се очекува со ИФЦ да се развие инвестициски план за реализација на проекти во овој сектор со поддршка до 85 милиони американски долари преку Програмата за климатски инвестициски фондови – ЦИФ.

На средбата беше наведено, исто така, дека постои голем потенцијал за влегување  со поддршка на ИФЦ и во приватниот сектор и дека за тоа постои голем интерес од македонските компании, но и поддршка за да се привлечат повеќе странски инвестиции.