Средба Бочварски – Ксифарас: Ги отвораме прашањата за заеднички гранични премини и поврзан систем за плаќање патарини

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски оствари билатерална средба со Јоанис Ксифарас, кој ја предводеше грчката делегација во име на Министерството за инфраструктура и транспорт на Република Грција.

Тие на средбата ја потврдија добрата соработка помеѓу Северна Македонија и Грција и разговараа во однос на заедничките заложби за европска интеграција на регионот.

Министерот Бочварски ја потенцираше важноста на зголемување на соработката во делот на железничкиот сообраќај и поврзувањето на Битола со Месонисон, во Грција.

Исто така двајцата разговараа за отворање на зелени коридори на граничните премини, како и можноста за интероперабилност на патарините.

„Разговаравме и разменивме искуства за процесите на олеснување и подобрување на транспортот помеѓу нашите земји, а дадовме и фокус на продлабочување на соработката, особено во делот на туризмот и патничкиот транспорт. Ја отворив темата за отворање на граничниот премин Маркова Нога, како и модернизација на останатите заеднички гранични премини. Северна Македонија работи активно за интеграција и членство во Европската Унија, а поддршката од нашите соседи е  и повеќе од добредојдена.“ – изјави министерот Бочварски.

Билатералната средба помеѓу министерот Бочварски и државниот секретар Ксифарас е во рамките на Министерскиот совет, кој овие два дена се одржува во Скопје.