Со ИКТ Центарот во Прилеп одговараме на безбедносните предизвици, ги штитиме граѓаните, ги модернизираме институциите

Денеска претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски го посетија Центарот за заштита на податоци и опоравување од катастрофи во Прилеп, еден од најзначајните инфраструктурни капитални проекти за кој беа инвестирани 11 милиони евра, средства обезбедени од ИПА програмата и буџетски средства.

„Со големо задоволство сакам да истакнам дека овој ИКТ центар е од витално значење за државата бидејќи со неговото основање и оформување како целина обезбедуваме долгорочна заштита на податоците на граѓаните, а со тоа и трајна заштита на нашиот безбедносен систем. Како Влада сме посветени да одговориме на современите предизвици, пред сѐ, сајбер безбедноста и злоупотребите во интернет сферата кои можат сериозно да ја загрозат националната, регионалната и меѓународната безбедност. Затоа, вложуваме во реализацијата на вакви големи проекти со коишто покажуваме дека сме во чекор со светските безбедносни трендови“, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, при посетата на ИКТ Центарот за чување и заштита на податоци и опоравување од катастрофи во Прилеп.

Притоа тој ги наведе постигнувањата на Владата во ресорот внатрешни работи, посочувајќи ги капиталните проекти, изградбата на новиот објект за форензички испитувања, изградбата на полициската станица Аеродром, како и покачувањето на платите на припадниците на МВР и набавката на униформи за полицијата.

„Оваа Влада, Владата која ја предводам, е цврсто решена да продолжи со европеизација на нашите институции, на нашето општество. Одлучни сме да продолжиме со остварување на нашиот европски сон и тоа час поскоро“, порача на крајот премиерот Ковачевски.

Осврнувајќи се на актуелните општествено-политички случувања на глобалната сцена, проследени со хибридни закани, активности и напади преку социјалните мрежи, кои не ја одминаа ни нашата држава, министерот Спасовски го нагласи повеќестраното значење на ИКТ Центарот во Прилеп. Според него, одбранбениот и безбедносниот сектор сѐ повеќе се зависни од функционалноста на ИКТ системите, поради што меѓу врвните приоритети се градењето отпорност, креирањето на мерки за превенција и за зајакнување на одговорот на хибридните закани.

„Токму овој Центар, кој веќе подолго време е целосно оперативен и функционален, претставува реален производ на таа наша определба за континуирано градење на дигитална инфраструктура. ИКТ Центарот претставува back-up, односно резервна база за клучните, витални информациски системи во земјава, кој гарантира дека тие ќе функционираат доколку од какви било причини е загрозена работата на примарниот информатички систем и, исто така, ќе ги зачува податоците во случај на природни или катастрофи предизвикани од страна на човечки фактор и ќе овозможи компатибилна размена на информации со другите институции. Посебно задоволство претставува фактот што изградбата на ваков Центар е прв случај во поширокиот регион една државна институција да изгради модерен објект за свои потреби", подвлече Спасовски, додавајќи дека покрај МВР, ИКТ Центарот веќе го користат повеќе државни институции, а отворен е за соработка и со сите други субјекти и институции.

Според Спасовски, овој капитален проект претставува заокружување на дигиталната трансформација на процесите на МВР реализирани во периодот од 2017 до денес, со цел зголемување на ефикасноста и гарантирање на безбедноста, но пред сѐ давање одговор на барањата на граѓаните за јавни услуги, согласно концептот „Полицијата - сервис на граѓаните“.
 
„Би се задржал на воведениот ТЕТРА систем, од исклучително значење за работењето на полицијата и интегрираното гранично управување, кој беше надграден за да се овозможи целосна покриеност на територијата на државата. Тој е меѓу 40-тината реализирани проекти на МВР благодарение на ИПА средствата од пристапната помош на Европската Унија. Преку овој систем се врши координација и комуникација на сите полициски службеници во министерството, но и на други државни институции кои се дел од јавната безбедност", рече Спасовски.
 
Со него, според Спасовски, нашата полиција го достигна нивото на земјите членки на ЕУ во однос на телекомуникациските стандарди, што се покажа и како најдобар начин да се воведат европските стандарди дома, но и да се овозможи Република Северна Македонија да биде способна да се прилагоди на непредвидливата и комплексна безбедносна реалност.