Костадиновска-Стојчевска по повод 100 години од раѓањето на Чеде Филиповски-Даме: Само храбрите носат тешки одлуки во неизвесни времиња

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која денеска е во работна посета во Гостивар, на Градскиот плоштад се обрати на настанот по повод 100 години од раѓањето на еден од најголемите македонски херои и борци, Чеде Филиповски – Даме.

Во своето обраќање, министерката за култура ги истакна придонесот и пожртвуваноста на Чеде Филиповски во отпорот и борбата за ослободување од фашистичката окупација за време на Втората светска војна.

„Пред споменикот на нашиот народен херој Чеде Филиповски-Даме, од Гостивар се потсетуваме на пораката дека достоинството им прилега на храбрите и дека храбрите се нашето достоинство, нашиот идентитет, нашата инспирација. Само храбрите носат храбри одлуки во тешки и неизвесни времиња“, рече Костадиновска-Стојчевска. Таа додаде дека и по 100 години од неговото раѓање, и 78 години од неговата прерана смрт, со гордост говориме за Чеде, кој на неполни 20 години имал непогрешиво чувство за војување и неизмерна храброст за јуришање во сите борби од 1941-ва. 

„Со таков јуриш, во првите редови, на денешен ден пред 79 години, влегол и во завршната битка за ослободување на Гостивар. Во неговата борба за слобода и во неговата претстава за слободна Македонија сите граѓани биле еднакви без разлика на нивната етничка припадност. И во тоа е големината, и тоа е што ги прави луѓето големи“, нагласи министерката за култура.

Костадиновска-Стојчевска ја истакна посветеноста на Владата и Министерството за култура кои негуваат посебен однос кон нашето антифашистичко минато и кон сите наши борци, народни херои, ослободители. 

„Ветивме дека оваа 2023-та ќе биде година во која ќе ги обновиме сите споменици од Народно ослободителната војна. Тоа и го правиме. Ме радува достојниот однос на општината и на жителите на Гостивар кон споменикот на Чеде Филиповски Даме“, рече министерката за култура, која упати честитки по повод 18 Ноември, денот на конечното ослободување на Гостивар.

На настанот, кој беше во организација на општина Гостивар, присуствуваа и претставници на Сојузот на борците, членови на семејството на народниот херој Чеде Филиповски-Даме, претставници на општина Гостивар. 

Министерката Костадиновска-Стојчевска претходно положи и свежо цвеќе пред споменикот на народниот херој кој е во авторство на скулпторот Насо Беќаровски.

Одбележувањето на 100 години од раѓањето на Чеде Филиповски се заокружи со проекција на краток филм посветен за овој значаен народен херој, а настапи и групата „Шербет“, како и културно-уметничкото друштво „Браќа Ѓиноски“ од Гостивар.