Битиќи во компанијата Адријус: Нашата визија за конкурентни домашни компании на меѓународните пазари ја реализираме преку ЗФПИ

Визијата на Владата за подигање на конкурентноста на домашните компании на меѓународните пазари, сѐ повеќе се реализира преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со кој финансиски поддржуваме 919 компании во нивните инвестициски циклуси, на што тие возвраќаат со нови работни места со достојни плати за нашите граѓани.
                           
Ова го изјави заменик претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи при посетата на компанијата Адријус, од Скопје, која спаѓа во делот на месната прехранбена индустрија, поддржана од Владата преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите (ЗФПИ).

Вицепремиерот Битиќи рече дека компанијата Адријус, започна скромно но со визија да прерасне во сериозна компанијата која ќе извезува на странските пазари.

„Токму ова Владата го има препознаено и затоа со првиот договор за инвестицискиот циклус 2018-2021 година, за инвестицијата од 110 милиони денари ние ја поддржавме по мерката Поддршка за пораст на капитални инвестиции и приходи, со околу 9 милиони денари. Охрабрена од финансиската помош на Владата, Адријус влезе во втор инвестициски циклус, во вредност од најмалку 35 милиони денари за периодот 2022-2026 година, за што ја поддржуваме во делот на нови вработувања, пораст на капитални инвестиции и приходи, и зголемување на конкурентноста на пазарот, што е особено важно бидејќи се работи за извозно ориентирана компанија“, изјави Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи додаде дека на довербата, Владата ќе возврати со измени на Законот за финансиска поддршка на инвестициите за загарантирана 100% исплата кон секоја компанија, за да во иднина исплатата на поддршката не зависи од нечија волја.

„Само во текот на 2023 година пристигнаа рекордни 427 апликации за нови инвестициски проекти, додека одобрени или потпишани се нови 289 договори по ЗФПИ) со компании кои предвидуваат инвестиции од 366 милиони евра и ќе се креираат нови 4.439 работни места. Законот за финансиска поддршка на инвестициите е трансформативна сила која отвори нови хоризонти за одржлив раст и развој на нашата економија, преку партнерски и инклузивен пристап на економските политики на Владата“, рече Битиќи.

Сопственикот на компанијата Адријус, Реџеп Бајрами , изрази голема благодарност до Владата за финансиската помош, особено во времето на кризите.

„Ние како компанија сме презадоволни од помошта на Владата, бидејќи оваа помош ја искористивме да ја подобриме состојбата во компанијата, но и да ги задржиме работниците и да ја подобриме работата на пакувањето. Имавме многу потреба, особено во услови на криза, овој момент веќе го надминавме и нема да ја прекинеме работата, туку да продолжиме посилно, зголемувајќи го бројот на работници и капацитетите, бидејќи веќе извезуваме. Помошта ни послужи да докажеме дека имаме добар квалитет и производи“, изјави Бајрами.