ЕК: Законот за буџети ја зголемува фискалната одржливост, МФ континуирано ја јакне транспарентноста

Новиот Закон за буџети со кој се воведуваат фискалните правила и Фискалниот совет, како и среднорочна буџетска рамка, значително ја зголемуваат фискалната одржливост, се наведува во Извештајот на Европската комисија за земјава.  Како што посочуваат од Европската комисија, среднорочната фискална консолидација, која Министерството за финансии ја проектираше со Фискалната стратегија за 2023-2027 година, а согласно рамката на Законот за буџети, се практикува во Буџетот за 2023 година. Буџетскиот дефицит минатата година е реализиран дури под планираното, додека јавниот долг е намален. Се нотира и дека Министерството за финансии континуирано ја подобрува транспарентноста на јавните финансии.

Во Извештајот се наведува дека е направен напредок во имплементирањето на новиот Закон за буџети со изборот на независниот Фискален совет, кој треба да ја следи усогласеноста на фискалните правила со макрофискалните проекции, како и среднорочната фискална рамка согласно Фискалната стратегија. Минатата година е започнато и со подготовка на подзаконските акти со кои ќе се овозможи целосна имплементација на Законот за буџети, вклучително и поставувањето нумерички фискални правила. Во рамки на Министерството за финансии се работи на воспоставување на посебна единица за управување со јавните инвестиции.

Европската комисија истакнува и дека Министерството за финансии продолжува да ја унапредува транспарентноста преку објава на податоци за приходите и расходите на јавните институции, општините и државните претпријатија на квартално ниво. Се нагласува и дека треба да се работи на раст на човечките ресурси и капацитети на Министерството за финансии, особено оние поврзано со буџетските процеси, како и дека Министерството за финансии треба дополнително да ја зголемува ефикасноста на јавните расходи и нивната транспарентност во согласност со новиот Закон за буџети.

Нивото на реализација на Програмата за економски реформи (ПЕР) е подобрена, особено поради макро-фискалниот напредок. Се наведува и дека треба да се стави фокус на структурните реформи, идентификување на предизвиците, особено климатската транзиција и јакнење на капацитетите на јавните институции да одговорат на предизвиците поврзани со енергетската криза.