Ковачевски: Континуирано носиме мерки за заштита на животниот стандард и ликвидноста на компаниите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши ја посети компанијата „Пивара Скопје“. На средбата со менаџментот на компанијата беше разговарано за владините мерки за намалување на цените и мерката „гарантирана цена“ на дел од пијалаците.

 
„За поздравување е потегот на оваа домашна компанија со светски квалитет којакако општествено одговорна, меѓу првите се пријави и ја поддржа мерката на Владата за обезбедување на „гарантирани цени“ со тоа што самостојно ги намалија цените на своите производи на пазарите во државата. Со тоа, оваа компанија, како и многу други ги ублажија инфлаторните шокови на пазарот, но и влијаеја за олеснување на товарот врз семејниот буџет на граѓаните, за што сакам да им упатам благодарност“, истакна премиерот Ковачевски во своето обраќање при посетата на „Пивара Скопје“.
 
Притоа, премиерот Ковачевски посочи дека со поддршка на Владата, компанијата преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со Договор за инвестиција во нова линија безалкохолни пијалаци, ќе може да го модернизира и проширува своето производство.
 

„Одговорно, посветено и во континуитет носиме мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и ја одржуваме ликвидноста на компаниите со цел да ја амортизираме економската и енергетската криза која го зафати светот.

Обезбедивме солидна основа за континуиран раст на платите и пензиите. Од друга страна, ги замрзнавме и намаливме цените на основните прехранбени продукти, обезбедивме „гарантирана цена“ на производите, а трговците и производителите ги повикавме и сè уште ги повикуваме да ни се придружат во напорите да ја стабилизираме нашата економија“, рече премиерот Ковачевски.
 
Премиерот посочи дека резултатите од владините мерки за намалувањето на цените на основните производи веќе даваат ефекти.
 
„Очекуваме и дополнително намалување на цените на производите со предложениот Закон за забрана на нефер трговски практики, со којшто ќе се регулираат 26 нефер трговски практики. Со носењето на овој закон влијаеме врз регулирањето на цените на пазарот, но и ги уредуваме условите на трговија со земјоделски и прехранбени производи со цел да нема вештачко кревање на цените. Со сите овие мерки, навистина сум оптимист дека ќе успееме да ја сведеме инфлацијата под 6% до крајот на годината“, нагласи премиерот Ковачевски на денешниот настан.
 
Министерот за економија, Крешник Бектеши изрази голема благодарност до „Пивара Скопје“ за нивниот придонес во креирање на мерките на Владата и што им излегоа во пресрет на граѓаните со намалување на цените на дел од нивните производи.

„Задоволство ми е да кажам дека согласно статистичките податоци мерките дадоа резултат. Инфлацијата во делот на основните прехранбени производи во октомври е под 2%, а вкупната инфлација е преполовена споредено со претходниот месец. Тоа уште еднаш покажува дека мерките кои ги носиме се во интерес на граѓаните и заштита на животниот стандард“, посочи министерот за економија, Бектеши.
 
Министерот за економија Бектеши, зборуваше и за Законот за нефер трговски практики, за којшто кажа дека се изработува во соработка со бизнис заедницата.
 
„Завршуваме со разгледување на сите забелешки од коморите и во текот на следната недела финалното предлог решение ќе биде доставено до Владата, а потоа и до Собранието. Целта на овој закон е на долг рок да се намалат цените на основните прехранбени производи и да се заштитат потрошувачите. Носиме одржливи мерки во соработка со бизнисот со цел на партнерски начин да ја подобриме бизнис климата во државата“, заклучи на крајот министерот Бектеши, за време на посетата на „Пивара Скопје“.


Ковачевски: Континуирано носиме мерки за заштита на животниот стандард и ликвидноста на компаниите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши ја посети компанијата „Пивара Скопје“. На средбата со менаџментот на компанијата беше разговарано за владините мерки за намалување на цените и мерката „гарантирана цена“ на дел од пијалаците.

Во продолжение ви го пренесуваме интегрално обраќањето на премиерот Ковачевски.

„Денеска, на мое големо задоволство, сме во посета на Пивара Скопје, македонска компанија со стогодишна традиција на пазарот, и која припаѓа на две големи интернационални семејства, Coca-Cola и Heineken.

Во оваа прилика сакам да истакнам дека за поздравување е потегот на оваа домашна компанија со светски квалитет која како општествено одговорна, меѓу првите се пријави и ја поддржа мерката на Владата за обезбедување на „гарантирани цени“ со тоа што самостојно ги намалија цените на своите производи на пазарите во државата. 

Со тоа, оваа компанија, како и многу други ги ублажија инфлаторните шокови на пазарот, но и влијаеја за олеснување на товарот врз семејниот буџет на граѓаните, за што сакам да им упатам благодарност.

„Пивара Скопје“ од година во година расте и инвестира во својот раст и развој.

Во тие нејзини напори, како Влада помагаме компанијата да стане уште поконкурентна на пазарот и да отвори нови работни места преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Со Договор за инвестиција во нова линија безалкохолни пијалаци, „Пивара Скопје“, со наша поддршка, ќе може да го модернизира и проширува своето производство за производство на нивната палета на производи. Јас имав можност да ги видам производствените погони на Пивара – Скопје коишто се навистина на врвно ниво, едни од најдобрите во групацијата што се потврдува и со фактот што производите кои ги произведува Пивара Скопје тука во нашата држава се продаваат и на другите пазари коишто Coca-Cola ги продава. 

Одговорно, посветено и во континуитет носиме мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и ја одржуваме ликвидноста на компаниите со цел да ја амортизираме економската и енергетската криза која го зафати светот.

Обезбедивме солидна основа за континуиран раст на платите и пензиите. Од друга страна, ги замрзнавме и намаливме цените на основните прехранбени продукти, обезбедивме „гарантирана“ цена на производите, а трговците и производителите ги повикавме и сè уште ги повикуваме да ни се придружат во напорите да ја стабилизираме нашата економија.

Резултатите од мерките кои Владата ги презеде во однос на намалувањето на цените на основните производи, веќе даваат ефекти и тоа ќе биде најдобро потврдено преку најновите податоци кои ќе излезат за нивото на инфлацијата од ДЗС, мислам дека тоа ќе се случи денес или во текот на утрешниот ден. 

Јас лично очекувам дека инфлацијата во однос на претходниот месец ќе биде не повеќе од 1% а во однос на минатата година на истиот месец сметам дека ќе биде под 4%, месец на месец. Но, да почекаме ДЗС да ги даде финалните податоци. 

Донесовме и одлука да се продолжи примената на „гарантирана“ цена на производите сè до крајот на годината, наместо како што беше првично предвидено, овие цени да траат до крајот на месецов.

Со владината одлука за допрецизирање на повластената стапка на ДДВ од 5%, нашата држава продолжува да биде држава која има најниска стапка на ДДВ од 18% и најдолга листа на повластени производи со 5%, кои граѓаните ги користат во својата секојдневна употреба, која е и најдолга не само во регионот туку и во ЕУ. Истовремено, го стимулираме и домашното производство на храна, бидејќи со овие мерки, на листата производи се опфатени и семенски материјал, ѓубрива, земјоделски алати и механизација.

Очекуваме и дополнително намалување на цените на производите со предложениот Закон за забрана на нефер трговски практики, со којшто ќе се регулираат 26 нефер трговски практики. Со носењето на овој закон влијаеме врз регулирањето на цените на пазарот, но и ги уредуваме условите на трговија со земјоделски и прехранбени производи со цел да нема вештачко кревање на цените.

Со сите овие мерки, навистина сум оптимист дека ќе успееме да ја сведеме инфлацијата под 6% до крајот на годината. Веќе покажавме дека умееме дури двојно да ја намалиме за период од само една година.

Би сакал и денеска од овде да упатам порака дека само заедно можеме да ја оствариме секоја цел. Пред нас претстојат предизвици кои сите здружено ќе можеме да ги претвориме во нови можности, бидејќи оваа година, како што кажавме и на почетокот на 2023 година, е година на нови можности. Нови можности за нови успеси кои ќе го отворат новото, европско поглавје за Република Северна Македонија во периодот што следува. 

Благодарам на домаќините за прекрасниот пречек и на медиумските екипи, Пивара Скопје е една од нашите најдобри компании која не само што произведува производи со врвен светски квалитет, меѓутоа и многу вложува во своите човечки ресурси. Имаат навистина еден извонреден тренинг центар и еден начин на унапредување на своите вработени. 

Посакувам понатамошни успеси!“.