Грковска: Во време на дезинформации и поларизирачки наративи, во јавноста тешко пробиваат теми поврзани со демократските вредности

„Прашањата на довербата во институциите и довербата во медиумите се многу тесно поврзани. Во подигнување на севкупните стандарди во општеството, не само во поглед на борбата со дезинформациите, ние мора да бидеме заедно. Некои битки се заеднички за целото општество и затоа мора да имаме широк општествен консензус за теми кои не засегаат сите и кои го допираат секој граѓанин“- изјави заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на панел дискусијата организирана од Институтот за медиуми и аналитика, во чии рамки беше промовирана публикацијата: „Во(н) фокусот на медиумите: Демократски институции, владеење на правото и реформи во јавната администрација“.

Вицепремиерката во своето обраќање истакна дека со оглед на политичкиот и медиумскиот пејзаж во земјава, кој е обременет со поларизирачки наративи, во јавноста тешко пробиваат теми поврзани со демократските вредности и со потребата од јакнење т.н. меки вештини, а кои се клучни за да се подобрат човечките капацитети во институциите. Токму отсуството на свест за штетноста на неодговорното, непрофесионалното и незаконско однесување е една од причините за високата толеранција кон корупцијата во општеството, изјави Грковска, додавајќи дека паралелно со реформите на полето на владеење на правото, мора континуирано да се работи на менување на светогледот.

„Имаме добра стратешка насоченост на реформите, а пристапувањето кон ЕУ е носечката сила за да ги спроведеме. И секој што останува слеп на тој факт, сметам дека не може да се нарече патриот и дека и мисли добро на својата земја. Реално е да има сили во општеството кои сакаат да остане статус кво ситуација, затоа што тоа одговара на нивните интереси. Но реална е и можноста да се издигнеме над тоа и да ги забрзаме подобрувањата во секојдневието“, изјави вицепремиерката Грковска и истакна дека на европското партнерство не треба да се гледа како на камшик кој нѐ тера со сила напред, туку како на водич кон посредена и поефикасна држава во поглед на испораката на квалитетни услуги на граѓаните.

На настанот организиран од Институтот за медиуми и аналитика се обрати амбасадорката на Швајцарија, Вероник Хулман, а на панелот, модериран од Петрит Сарачини, покрај вицепремиерката Грковска, учествуваа и директорот на Македонскиот центар за меѓународна соработка Александар Кржаловски, директорката на Институтот за општествени и хуманистички науки Катерина Колозова и раководителот на истражувања во ИМА Жарко Трајаноски.