Маричиќ: Преговорите со ЕУ го прават поквалитетно и побезбедно македонското рибарство, по европски стандарди

Денеска во Брисел продолжува билатералната скрининг агенда со состаноците за Поглавје 13, „Рибарство“, од Кластерот 5, „Ресурси, земјоделство и кохезија“.

Билатералниот состанок со кратко обраќање го отвори вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ, потенцирајќи дека за Северна Македонија е важно да ги усвоиме стандардите поврзани со оваа област и на тој начин да ја отвориме можноста за граѓаните кои се занимаваат со риболов, на вистински начин да станат поконкурентни за извоз на европскиот, но и на регионалниот пазар.

„Капацитетите се поставени, а остануваат предизвиците во однос на натамошното зајакнување на административните капацитети за управување со ресурси, инспекции и контрола на политиката за рибарство. Ќе се зајакне и капацитетот за контрола на нелегалниот, непријавен и нерегулиран риболов, во согласност со барањата на ЕУ“, рече Маричиќ пред претставниците на Европската комисија.

Република Северна Македонија е земја без излез на море и има само внатрешен, езерски риболов и аквакултура, затоа голем дел од правото на ЕУ за рибарство не е применливо и во тој контекст, главниот преговарач со ЕУ, Маричиќ нагласи дека немаме намера да бараме никакви отстапувања или преодни периоди во ова Поглавје, односно дека целосно го прифаќаме соодветното ЕУ законодавство.

„Во однос на правната рамка, нивото на усогласеност дополнително ќе се подобри со усвојувањето на новиот Закон за финансиска поддршка во рибарството и новиот Закон за рибарство и аквакултура. Овие два закони, кои се во владина процедура, ќе обезбедат рамка за мерки на структурна политика и државна помош во рибарството и аквакултурата, како и организација на пазарот за риба и рибни производи“, посочи Маричиќ.

Заедничката политика за рибарство на Европската унија вклучува прашања за експлоатација и управување со рибните ресурси, прашања за регулирање на пазарот на рибни производи, прашања за структурна политика, надзор и контрола, како и меѓународна соработка во рибарството.

Со достигнување на стандардите во ова поглавје ќе бидеме подготвени да повлекуваме пари од структурните фондови на ЕУ наменети за рибарство. Иако риболовот не е значајна стопанска гранка кај нас, треба да ја искористиме можноста што ја нуди членството во ЕУ и системски да ја регулираме оваа област, за да обезбедиме економско, еколошко и социјално одржливо рибарство, по европски стандарди и прописи.

Дел од македонската делегација беа и заменик преговарачката со ЕУ и државна секретарка во СЕП, Дрита Абдиу-Халили и шефот на Мисијата на Северна Македонија при ЕУ во Брисел, Зулфи Исмаили. Презентери се претставниците од работната група за Поглавје 13, „Рибарство“, од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот земјоделски инспекторат, Државниот завод за статистика, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, како и Секретаријатот за европски прашања.

Билатералниот скрининг е за завршна фаза. Од Кластерот 5, „Ресурси, земјоделие и кохезија“, останува уште Поглавјето 13, „Безбедност на храна, ветерина и фитосанитарна политика“, кое ќе се одржи од 27-ми ноември до 1-ви декември. За целосно комплетирање на скрининг процесот ни останува уште Кластерот 6, „Надворешни односи“, со двете поглавја 30 и 31 „Надворешни односи“ и „Надворешна, безбедносна и одбранбена политика“, кои се предвидени за првата недела од месец декември.