Грковска и Алиу: Донаторската поддршка е клучна за ефективна дигитална трансформација која ќе го подобри квалитетот на живот на граѓаните

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, заедно со министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, организираа конференција на донатори за дигитална трансформација, на која се дискутираше за приоритетите и предизвиците на патот кон дигитализирано општество и економија. Конференцијата следи по минатогодишната средба со донаторската заедница, на која беше постигната согласност околу потребата за координирање на проектите, со цел да се избегне нивно преклопување и да се зголеми ефективноста.

Вицепремиерката Грковска упати благодарност за доставените листи со донаторски проекти, кои придонесуваат за колективно обликување на дигиталниот пејзаж во Северна Македонија. „Придонесот на донаторите е од непроценливо значење, а нивната поддршка е клучна во придвижувањето на дигиталната трансформација на општеството“, истакна вицепремиерката Грковска и нагласи дека напорите за дигитализација на јавните услуги целат кон ефикасно исполнување на потребите и очекувањата на нашите граѓани, согласно принципите на добро управување.

Министерот Алиу во своето обраќање изрази уверување дека дигиталната трансформација е одлична можност за нашата земја да ја зголеми конкуренцијата, да воведе иновации и да го подобри квалитетот на живеење. „Оваа конференција доаѓа во важен момент, каде што сите земји се соочуваат со големи предизвици и можности да ги унапредат и трансформираат општествата преку технологија и иновации. Додека светот доживува длабоки технолошки промени, наша должност е најдобро да ги искористиме овие можности за подобрување на квалитетот на животот на нашите граѓани“, рече министерот Алиу.

На настанот беа презентирани тековните активности и идни планови на МИОА насочени кон реализација на главната цел за целосно дигитализирана јавна администрација. Исто така, беа споделени информации и околу напорите за координација на донаторите воспоставени од Секретаријатот за европски прашања.
 
На конференцијата учествуваа претставници на Делегацијата на Европската Унија, амбасадите на САД, Обединетото Кралство,  Швајцарија, Словенија, Грција и Романија, како и претставници на УНДП, УСАИД и Германското друштво за меѓународна соработка.