Грковска - Иванов: Меѓуинституционалната соработка и координација во справувањето со корупцијата е клучна

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имаше работен состанок со директорот на Управата за финансиска полиција, Горан Иванов, со кој разговараа за можностите да се унапреди меѓуинституционалната соработка и координација, со цел да се обезбеди поголема ефикасност во работењето.

Вицепремиерката Грковска истакна дека само со добра координација и со искрена заложба може да има успех во работењето и додаде дека тоа е особено важно во случаите на справување со корупција и организиран криминал.

Таа се интересираше до каде е процесот на дигитализација и интероперабилноста на системот во Управата за финансиска полиција, преку кој ќе се отстрани секаква субјективност, ќе се забрза динамиката во работењето, но и ќе се зајакне контролата.

Директорот Иванов информираше дека во моментот се работи на имплементирање на документ менаџмент систем (ДМС), кој се очекува до април наредната година да биде целосно ставен во функција, но и дополнително се работи на целосно унапредување на капацитетите на Управата за финансиска полиција.

Двајцата соговорници разговараа и за конкретните предмети кои Кабинетот за политики за добро владеење, врз основа на претставки од граѓани, но и анонимни пријави, ги доставил до Управата за финансиска полиција.

Директорот Иванов увери дека Финансиската полиција работи со забрзана динамика и дека за некои од нив, до крајот на годинава се очекува и конкретна завршница, во рамките на нивната надлежност.

На состанокот беше отворено и прашањето за јакнење на персоналните капацитети на институцијата, прашање кое е од исклучителна важност и предуслов за ефикасно справување со корупцијата.