Стратешките проекти во инфраструктурата и енергетската транзиција во фокусот на средбите на Бесими со претставници на ЕБОР и ИФЦ

Интерес за поддршка на инвестицискиот циклус што Владата го има започнато со крупните стратешки проекти во транспортната инфраструктура и енергетскиот сектор е изразен на средбите на министерот за финансии Фатмир Бесими со високи претставници на Европската банка за обнова и развој и Меѓународната финансиска корпорација – ИФЦ.

На средбата на министерот со првиот заменик-претседател на Европската банка за обнова и развој Јирген Ригтеринк беше истакнато дека ЕБОР е најактивна меѓународна финансиска институција во земјава која учествува во обезбедување финансиски средства за реализација на јавни проекти и силно стои зад спроведување на европската реформска агенда на земјата.

Министерот Бесими на средбата изрази благодарност за поддршката на Банката која учествува во обезбедувањето финансиски средства на проектот за изградба на последната делница од железничкиот Коридор 8 кон Бугарија,  изградба на заеднички граничен премин на Табановце, кон Р Србија, како и гасниот интерконектор со Грција. Исто така, оваа меѓународна финансиска институција ќе биде наш значаен партнер во процесот на енергетска транзиција кон зелена енергија за што земјата ќе има пристап до 85 милиони американски долари за реализација на ваков вид проекти.

Поддршка на проекти за спроведување на енергетската транзиција во земјава кон позелени енергетски проекти беше во фокусот на средбата на министерот Бесими со  регионалниот заменик-претседател во Меѓународната финансиска корпорација – ИФЦ Алфонсо Гарсија Мора.

На средбата стана збор за финансирање проекти  од енергетскиот сектор, особено искористување на обновливите извори на енергија, спроведување на процесот на декарбонизација, како и проширување на енергетската мрежа.

Министерот во рамки на Годишните средби на ММФ и Светска банка во Мароко оствари средба и со инвеститори во Банката на Америка, на кој беа претставени макроекономските политики на земјата, како и со Меѓународната развојна агенција – ИДА дел од Групацијата на Светска банка. РС Македонија годинава стана 56-та земја членка  донатор во ИДА, за што на средбата беше изразена благодарност до министерот Бесими.  

Министерот за финансии Фатмир Бесими за време на учеството на Годишните средби на ММФ и СБ оствари средби со високи претставници на ММФ и на Светска банка, на кои беше изразена потврда и дадена поддршка за политиките што ги спроведува земјата.

На средбите со заменик на генералниот директор на ММФ Бо Ли, директорот на ММФ за Европа Алфред Камер, извршниот директор на ММФ Пол Хилберс, како и со алтернативниот извршен директор, Лук Дресе беше потенцирано дека земјата води здрави макроекономски политики и дека тие создаваат солидна основа за зголемување на потенцијалот за раст.

На средбите со Светска банка е потенцирано дека земјата има исклучително значајно партнерство во изминатите 30 години и дека тоа продолжува со нова петгодишна програма која е насочена кон продолжување на реформскиот процес на патот на пристапување кон ЕУ и обезбедување поодржлив, отпорен и зелен раст. Ваквата програма и поддршка што се очекува за развојни политики до крајот на годината од околу 100 милиони евра е потврда на владините политики и напорите за фискална консолидација.