Расте довербата на стопанството кон Владата, имаме инвестициски бран од пола милијарда евра, поддршката продолжува.

Потпретседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска се обрати пред над 500 претставници на бизнис заедница кои се корисници на поддршката од Владата, за нови инвестиции, преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

Вицепремиерот Битиќи во неговиот говор ја истакна неговата заложба како вицепремиер, но и претходно како советник на премиер, кон реструктуирање на нашата домашна економија. Битиќи посочи дека низ бројки, ако до 2017 имавме нула поддржани домашни компании, денеска поддржуваме 919 домашни компании. На тој начин можам да кажам дека заложбите за негување на моторите кои ја движат нашата економија, вродуваат со плод.

Во продолжение интегралното обраќање на вицепремиерот Битиќи:

„Почитуван Премиере Ковачевски,

Почитуван министер Бектеши,

Почитувани медиуми,

Почитувани стопанственици,

Ви благодарам за присуството на сите кои успеавте да стигнете на овој настан. Оваа глетка е навистина импресивна, во оваа сала се наоѓаат создавачите на нашата домашна економија.

Токму поради свесноста на оваа Влада за вашата улога во општеството, постојат инструментите како што е Законот за финансиска поддршка на инвестиции, кој е и главната тема зошто денеска сме сите тука.

Мојата заложба како вицепремиер, но и претходно како советник на премиер, секогаш била насочена кон реструктуирање на нашата домашна економија. Без разлика дали говориме за Планот за економски раст од 2018 година генерално, или конкретно за овој Закон, целта е истата и таа е многу јасна, а тоа е засилената поддршка и развој токму на вашите преработувачки компании со која вие создавате дополнителна вредност. За вас, за вашите вработени, за граѓаните.

Ние, сите во салава имаме една заедничка карактеристика. Сите добро разбираме бројки, и барем во ова мое кусо обраќање ќе доминираат. Па затоа дозволете ми низ бројки да го опишам патот кој го исчекоривме заедно, пред да почнеме да гледаме во иднината.

Низ бројки, ако до 2017 имавме нула поддржани домашни компании, денеска поддржуваме 919 домашни компании. На тој начин можам да кажам дека заложбите за негување на моторите кои ја движат нашата економија, вродуваат со плод. Тоа е достигнување кое нескромно го припишувам на овој потфат, бидејќи најмалку 12, а можеби и повеќе години претходно не се случуваше.

Почитувани,

Овој успех не го припишувам еднострано само на контото на институциите. Напротив, овој подвиг е 100% партнерски, и затоа ја користам приликата да ви се заблагодарам за вашата посветеност и истрајност.

Вие, во нашата држава преку овој Закон инвестиравте половина милијарда евра. И тоа за мене е еден врвен патриотски чин. Заедно, придонесовме во реструктуирање на домашната економија, а Вие добивате реална поддршка која е предвидлива и ги следи вашите развојни потреби.

Затоа, овој реален заеднички успех ќе продолжи и понатаму, како влог во она што е наше, заедничко и ни значи на сите.

Оваа Влада, од почеток на овој инструмент, заедно со новите 35 милиони евра за оваа година, ќе стигне до заокружени 100 милиони евра со кои ве поддржува вас, домашните компании. Но, покрај бројките, со последните измени во 2021 кој предвидува процентуално повисока поддршка во помалку развиените региони, горди сме и што на делот покажавме дека рамномерниот регионален развој не е само празна фраза повторувана од политичари. Тоа го покажуваат бројките со кои измеривме зголемено инвестирање надвор од Скопскиот плански регион.

И пак ќе се вратам на бројките.

Ако во 2018 година вкупната поддршка во Скопскиот регион изнесува 45%, во последнава таа е 32%, што значи дека поголемиот процент на поддршка отпаѓа на другите региони.

Во 2018 во Скопскиот регион се исплатени 85 милиони денари финансиска поддршка, во последната 2022 година се исплатени 456 милиони денари. Тоа е зголемена финансиска поддршка за 5 пати.

За разлика од тоа, поддршката во останатите помалку развиени региони, се зголемува за 9 пати, или од 105 милиони денари, на 953 милиони денари поддршка, за истиот период.

Имајќи предвид дека овие измени се донесени пред само две години, очекувам овој позитивен тренд на зголемување на развојот на регионите низ цела држава, да продолжи.

Почитувани,

Со растот на бројот на компании кои инвестираат, и доследното инвестирање во буџетот за ваша поддршка од наша страна, заедно ја градиме довербата во овој механизам.

Или, низ бројки:

Првата исплатена поддршка во 2018 година е кон 73 компании и е во висина на 3,2 милиони евра.

На крајот на 2022 година исплативме 23 милиони евра кон 410 компании.

Оваа година имаме буџетирани околу 35 милиони евра.

За 6 години, финансиската поддршка од државата кон домашните компании е зголемена за 11 пати. Од 3,2 милиони во 2018 на над 35 милиони во 2023 година или вкупната финансиска поддршка во овој период изнесува околу 100 милиони евра, вратени пари назад во развојот во домашните компании.

Она што е мое лично задоволство, е тоа што успеав да го претворам портфолиото инвестиции во One stop shop за инвестиции, со 100% исплата на финансиска поддршка секоја година, без разлика дали работиме во кризи како што беше светската пандемија со КОВИД-19 или енергетската криза која навистина ја потресе Европа и светот.

Тоа го постигнавме заедно со мојот тим од една страна, а вие од другата страна храбро одговоривте на предизвикот и тоа резултираше со задржување на вработените и ваш развој. Тоа, повторно нескромно ќе кажам е само докажување на дело дека овој дрим-тим во салава функционира.

Затоа, измените кои се залагам следната година да ги воведеме во Законот за поддршка на инвестиции е повеќе да не зависите од мојата или било чија, нечија волја. Туку, еве ексклузивна најава, една од измените ќе биде токму тоа, загарантирана 100% исплата кон секоја компанија.

Односно да се измени сегашното правило дека доколку нема доволно буџетски средства во буџетот, исплата може да биде намалена сразмерно според средствата до ниво од 60% од одобрената сума.

Вака сметам дека ги заштитуваме вашите интереси од политичка волја и го јакнеме нашиот партнерски однос. Бидејќи вашите успешни приказни, ја креираат нашата успешна #МКЕкономија.

Кога веќе го споменав нашиот партнерски однос и вашата заштита од политички влијанија и желби и пресметки... Се сеќавам на (истото ова место), но јас седев од вашата страна како претставник од комора, кога еден премиер , пред наши очи и уши, кога ние компаниите се жалевме повратот на ДДВ доцни повеќе од половина година, а тој му се сврте на министерот за финанси и му рече: Ајде, наредниве денови да се спремат исплати! Колку спротивна приказна од денешната, нели?

Повратот на ДДВ веќе не зависи од ничија лична волја. Тој се исплаќа навремено, предвидливо, плански. Тоа за вас значи предвидливост и стабилност при финансиските планирања и секако инвестирања.

Почитувани,

Грижата за поконкурентна економија и решеноста да направиме системски промени кои значат конкурентска предност, предвидливост и стабилност е фактот што после 3 децении, за прв пат беше отворен царинскиот тарифник. Кон крајот на 2021 година се сменија царинските стапки за 258 тарифни ознаки, односно 258 различни полупроизводи и суровини кои преработувачката индустрија ги користи во своите производствени процеси, а со тоа Владата уште еднаш го потврди својот партнерски однос со бизнисот.

Процесот на усогласување не застанува тука, ќе продолжиме да го усогласуваме нашиот Царински тарифник со тарифникот на ЕУ.

Со цел достапност, транспарентност, ефикасност и ефективност, веќе една година го имаме и првиот дигитален јавен службеник – АДА. АДА е  материјализирање на промената која на сите ни е потребна. Постојано зборуваме за дигитализација, транспарентност, ефективност и ефикасност во јавниот сектор и еве ја. Во едноставна дигитална алатка, достапна за сите. АДА ги дава сите информации за државна помош по Планот за економски раст, односно условите за Законот за финансиска поддршка на инвестиции, сите јавни повици на ФИТР како и условите за инвестирање во ФИТР. Сите информации јавно и транспарентно, што оневозможува манипулација и злоупотреба на информациите и условите.

АДА, како прв дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција во јавниот сектор е првиот чекор. Ја дигитализираме целата државна помош. Го воспоставуваме менаџмент информацискиот систем за државна помош, кој покрај тоа што на едно место ќе ги собира сите програми за државна помош од 11 институции и ќе носи целосна транспарентност, ќе го мери и ефектот од користење на јавните пари.

За крај, сакам да ви кажам зошто денешната инфо – сесија ја нарековме ДОВЕРБАТА РАСТЕ!

Прво, затоа што за мене таа е најважна за постигнување на заедничките цели. Затоа што тоа се, заеднички цели кои ги делиме во овој наш партнерски однос. Довербата ја имаме, но мораме да ја негуваме и со акција да ја поддржуваме.

Домашните компании, вие инвестиравте 500 милиони евра, ние ве поддржуваме секоја година со се поголема поддршка, оваа година рекордни 35 милиони само по Законот за финансиска поддршка, следната година ќе е уште поголема, со загарантирана 100 процентна исплата. Поддржувајќи го вашиот развој, вашите вработени, нашите граѓани имаат стабилни и раст на работни места, а зајакнувајќи ја вашата конкурентност се повеќе се приближуваме до европскиот пазар кон целосна интеграција, кон европски стандард. Изборот е јасен, затоа што „Ние сме Европа“, тука припаѓаме и тука можеме да ги развиеме своите целосни потенцијали.

Вие, сте нашиот македонски бренд, вие сте нашата успешна домашна економија!

Ви благодарам!“