Средба Битиќи – Бауер: Силна поддршка од УНФПА за изработката на Националната развојна стратегија на Северна Македонија

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денес се сретна со Флоренс Бауер, регионална директорка на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) за Источна Европа и Централна Азија.

Вицепремиерот Битиќи и директорката Бауер разменија мислења околу можностите за понатамошно унапредување на партнерството и соработката помеѓу Северна Македонија и УНФПА, посебно во делот во зајакнувањето на демографската отпорност, родовите прашања, младите и нееднаквостите.

Вицепремиерот Битиќи истакна дека стратешкото партнерство, втемелено на споделување на знаење и размена на стручност, доаѓа до вистински израз во поддршка и суштинскиот придонес кои УНФП ги дава во изработката на Националната развојна стратегија, посебно во делот на нејзиното усогласување со Демографската стратегија.

Заеднички беше оценето дека Националната развојна стратегија има суштинско значење за развојот и перспективите на државата, затоа што само преку стратешки и долгорочен пристап може да се постават цврсти основи на развојот на општеството.

На средбата беа споделени мислења и информации околу демографската динамика на населението, потребата од постојан развој и унапредување на човечкиот капитал, како да се постигне одржливост во развојот, како или околу најважните аспекти кои треба да бидат опфатени во креирањето на политики за населението.