Битиќи: Преку одржливо стопанисување со шумите, ќе го зголемиме придонесот на шумарскиот сектор во националната економија и во руралниот развој

Заменик претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се обрати на отворањето на Министерската конференција „Најдобри практики и искуства во обновувањето на шумите“, која ќе послужи како платформа и можност за размена на искуства и знаење на лидерите од регионот и научната фела за употреба на најдобри практики, нови технологии, како и партиципативни пристапи во планирањето на инвестициите за обновувањето на шумите.

Во неговото обраќање, вицепремиерот Битиќи посочи дека процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ подразбира усогласување на националните политики, стратегии и законодавство со политиките, стратегиите и acquis на ЕУ поврзани со шумите и шумарството,

„Токму затоа, а и имајќи го предвид многукратното значење на шумите, тие се вклучени и во повеќе национални стратешки документи, како: Националната стратегија за биолошка разновидност (2018), Националната стратегија за заштита на природата (2017), Долгорочната стратегија за клима (2021). Меѓу нив е и новата Национална стратегија за земјоделство и рурален развој (2021), која обезбедува можност за финансиска поддршка и на мерките поврзани со шумарството и шумарството во контекст на руралниот развој“, изјави Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи во неговото обраќање рече дека Република Северна Македонија е потписник на неколку меѓународни договори за шуми и заштита на животната средина, кои влијаат на шумарскиот сектор.

„Целите за одржлив развој на Обединетите нации. Особено целта 15.2 која повикува на промоција на одржливо стопанисување со сите видови шуми, за да се запре уништувањето на шумите, да се вратат деградираните шуми во нивната првобитна состојба и значително да се зголеми обновувањето на деградираните шуми и пошумувањето на глобално ниво. Друг пример е Декадата на Обединетите нации за обнова на екосистемите (2021 – 2030) како повик за заштита и заживување на екосистемите ширум светот и предизвикот во Бон од 2011 година, кој има за цел да се обноват 350 милиони хектари на деградирани и обезшумени пејзажи до 2030 година. Во однос на оваа цел, Северна Македонија веќе прифати да се обноват и пошумат 15.000 хектари шумско и нешумско земјиште, што е земено предвид во ревидираната Стратегија за одржлив развој на шумарството“, рече Битиќи во неговиот говор.

Вицепремиерот Битиќи додаде дека целта на Владата на Република Северна Македонија е преку одржливо стопанисување со шумите, да го зголеми придонесот на шумарскиот сектор во националната економија и во руралниот развој, обезбедувајќи обновливи ресурси и заштита на локалната и глобалната животна средина, со што ќе обезбеди подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани.

„Државата ги препознава општокорисните функции или екосистемските функции на шумата и токму затоа воведува правни, институционални и економски рамки и ја подобрува и стабилизира позицијата на шумарството во општеството. Посебно внимание ќе се посветува на зачувувањето и заштитата на шумите како носечки терестричен екосистем. Ова е значајно за биолошката разновидност воопшто, но и за обезбедување на социјални, економски и културни придобивки за граѓаните. Шумските предели во Северна Македонија се популарна дестинација за рекреативен, спортски, екотуризам и високо комерцијален ловен туризам, што влијае и на други економски сектори“, рече Битиќи.