Грковска на јавна расправа за нацрт Стратегијата за транспарентност 2023-2026: Целиме кон уште повисоко ниво на транспарентност и одржлива свест за нејзината важност

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, се обрати на втората јавна расправа за нацрт Стратегијата за транспарентност 2023-2026, која денеска се одржува во Велес, организирана од Кабинетот за политики за добро владеење, во соработка со Фондацијата Метаморфозис.

„Ако корупцијата е болест, транспарентноста е централен дел во нејзиното лекување“. Со овој цитат на поранешниот генерален секретар на Обединетите нации Кофи Анан, вицепремиерката Грковска ја илустрираше огромната важност на транспарентноста, како принцип на доброто владеење, во справувањето со разорните коруптивни појави во општеството.

„Јакнењето на транспарентноста на сите нивоа во системот е еден од најважните предуслови за превенција на корупцијата и за  подобрување на севкупната кондиција на институциите, кои со вградување и доследна примена на ова начело, стануваат поодговорни, поотчетни и поефикасни во извршувањето на својата функција како сервис на граѓаните”, нагласи Грковска.

Таа се осврна на фактот дека во последниве години транспарентноста на институциите е значително подобрена, а тоа се должи на определбата за воспоставување  механизми, носење соодветна легислатива и развивање и спроведување политики. Тоа резултираше со зајакнување на фискалната дисциплина преку отворање на трезорот, со што на јавноста ѝ се овозможи да има увид во трошоците, но и со отворање на институциите кон јавноста и овозможување полесен пристап до информации.

Нашата земја е една од ретките кои подготвуваат стратешки документи од овој тип и понатамошните чекори се во насока да се одржи отвореноста, без да се ретерира од досега постигнатото, а институциите кои назадуваат треба да го достигнат нивото на оние кои имаат најголем напредок во поглед на транспарентноста. Според Ирена Бојаџиевска, експертка која работеше на оваа стратегија, практиките на добро владеење и отворена власт треба да станат стандард во секојдневното работење.

Оваа Стратегија се надоврзува на претходната Стратегија за транспарентност и е насочена е кон остварување на визијата – Република Северна Македонија да биде држава со изградена институционална култура на транспарентност, држава во која владеат стандарди на добро управување во институциите на извршната власт, а со тоа и зголемена доверба на граѓаните.

Стратегијата за транспарентност 2023-2026 и придружниот Акциски план, кои денеска се предмет на втора јавна расправа, со учество на претставници на државните институции, граѓанските организации и медиумите, предвидуваат стратешки пристап со кој значително ќе се зајакне свесноста, но и проактивното дејствување на ова поле Предлозите и сугестиите произлезени од денешниот настан дополнително ќе ја подобрат содржината на овој стратешки документ, а со тоа и реализацијата на зацртаните заложби.