МЗШВ - Билатерална средба помеѓу министерот Николовски и Сојузниот министер за храна и земјоделство на Германија, Џем Оздемир

Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, имаше чест да биде домаќин на Сојузниот министер за земјоделство и храна на Сојузна Република Германија, Џем Оздемир. Ваква посета од федерален министер за земјоделство се случува за прв пат после повеќе децении, од осамостојувањето на Северна Македонија и далеку пред тоа.

Претставници на германското Министерство за храна и земјоделство, предводени од Сојузниот Министер, Оздемир, денеска се во еднодневна посета на нашата држава. При тоа, ќе посетат фарма и мала семејна винарија. Ќе дегустираат домашна македонска храна и ќе се запознаат со млади земјоделци и жени земјоделки.

Во рамките на посетата се одржа билатерална средба помеѓу министрите, на која  се разговараше за резултатите од досегашната соработка и придобивките за македонското земјоделство од ваквата значајна поддршка која ја добиваме од германската Влада. Двајцата министри разговараа и за идните планови за подобра реализација на европската Зелена агенда, Берлинскиот процес и можностите за македонското земјоделство со членство на нашата држава во Европската Унија.

„Нашата соработка е на високо ниво, поддршката која ја добиваме од германската Влада се однесува на многу значајни проекти, кои придонесуваат за поголем развој на земјоделското производство. Трговската размена на земјоделски прехранбени производи со Германија, од 2020 година до сега бележи значителен пораст и има зголемен интерес за соработка помеѓу македонските и германските компании. Она што посебно ме радува, е што денеска министерот Оздемир ми потврди дека тие ќе не поддржат во спроведувањето на реформите во шумарството и остварувањето на зелената агенда која е во согласност со Европската заедничка аграрана политика.“ истакна министерот Николовски.

Сојузниот министер за храна и земјоделство Џем Оздемир, во своето обраќање истакна дека иднината на Северна Македонија е во Европската Унија.
„Ви честитам за напорите да се стекнете со полноправно членство во Европската Унија. Овој пат не е краток и не е едноставен. Повторно имаме војна на европско тло и затоа соработката помеѓу државите е многу важна. Ние имаме одлична соработка со македонското министерство за земјоделство во рамките на аграрно политичкиот дијалог и одлична соработка во полето на науката. Ве поддржуваме и со совети и со дела и не се сомневам дека македонското земјоделство ќе се развива согласно европскиот дијалог, со фокус на младите земјоделци, руралните жени, виното, органската храна, шумарството, се со цел остварување на Зелената агенда за климатски неутрална Европа“ потенцираше министерот Оздемир и најави дека од јануари 2024 година, германското министерство ќе испрати аташе за земјоделство со седиште во Скопје,  кој ќе биде наш партнер за контакт и кој во својата работа ќе ги обедини земјите од Западен Балкан за заедничко унапредување на земјоделскиот сектор.

Министерот Николовски упати благодарност до министерот Оздемир за честа да ја посети Северна Македонија како и за можноста преку заеднички дијалог  да ги унапредиме нашите односи и економската соработка. Исто така, министерот Николовски се заблагодари и за политичката поддршка која ја добиваме од Сојузна Република Германија на патот на евроинтеграциите и членство на Северна Македонија во европското семејство.