Шаќири: Градиме медиумски писмени ученички генерации кои знаат да препознаваат лажни вести

Кога имате милиони извори на информации и тоа особено на интернет, каде учениците, како и сите ние, минуваат добар дел од дневното време, мора да научат да анализираат и да препознаваат кои се точни и вистински вести, а кои се лажни информации и шпекулации со скриени намери. За тоа, најмногу можат да им помогнат наставниците, а тие пак, треба да имаат конкретни насоки и материјали за работа. И токму тоа го правиме, етапно како што предвидува реформата на основното образование. Усвоени се низа документи и патокази. Во наставните програми од прво до шесто одделение веќе воведовме содржини поврзани со медиумската писменост, а организирани се бројни обуки за наставниците поврзани со медиумската писменост и ефектот е добар. 

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната панел дискусија„Вклучување на медиумската писменост во основното образование – искуства и предизвици“, организирана во рамки на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, што го спроведуваат ИРЕКС и локалните партнери Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Младинскиот образовен форум, во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието. 

„Овој проект започна во исто време кога Министерството за образование и наука ги започна најкрупните реформи во делот на основното образование што некогаш се спровеле во државата. И тоа е добро, затоа што, да се изразам жаргонски, заедно почнавме да градиме пат по кој учениците треба да се движат и го градиме квалитетно, така што во иднина не би имало потреба тој да се раскопува и да се додава некој дополнителен елемент“, рече Шаќири. 

Тој изрази благодарност до сите кои се дел од проектот што, како што рече ги надополнува институционалните напори за создавање добро подготвени ученички генерации кои ќе знаат да препознаваат вистински и лажни информации. Посочи дека медиумската писменост станува сè поважна вештина која младите мора да ја поседуваат, исто како и писменоста за читање и пишување. 

„Од денеска имаме и конкретна Рамка за медиумска писменост. Посакувам успешна имплементација и постигнување на целите кои истата ги дефинира. Претходно се изготви прирачник за медиумска писменост за родители и старатели, како и речник за медиумска писменост. Што значи, како расте предизвикот да се препознаваат и селектираат точни информации, така ние сме сè повеќе и подобро подготвени за да одговориме на истиот и да, да речам да победиме во битката против лажните вести“, додаде Шаќири. 

Изрази уверување дека тимот кој го реализира проектот ќе продолжи со исто темпо да работи и во иднина, бидејќи како што рече, сите имаме истацел – да создаваме паметни и креативни ученички генерации со развиено критичко размислување, кои во иднина ќе бидат активни граѓани и носители на демократските процеси во општеството. 
На панел дискусијата се обратиуниверзитетската професорка Виолета Петроска-Бешка, како и неколку наставници од основните училишта.