Николовски: Ве поканувам на 7 октомври на вториот саем за храна и пијалоци Вкуси ја традицијата, заедно да ги вкусиме убавите производи од нашите успешни мали производители на храна и пијалоци

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денес од градскиот парк во Скопје го најави вториот Национален саем за храна и пиајлоци – Вкуси ја традицијата, кој оваа година ќе се одржи на 7 октомври со почеток од 11 часот во градскиот парк Скопје.

Националниот саем за храна и пијалоци – Вкуси ја традицијата е во заедничка организација на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Слоу Фуд Македонија, поддржан од Германското друштво за меѓународна соработка ГИЗ.

„Ме прави среќен што Националниот саем за храна и пијалоци - Вкуси ја традицијата прераснува во убава традиција. Оваа година околу 400 изложувачи, мали производители на храна и пијалоци ќе ги презентираат своите вкусни производи приготвени по традиционални рецепти“, изјави министерот Николовски.

Граѓаните ќе имаат можност да уживаат во богатството од вкусови, приготвени од вредните раце на нашите мали производители, збогатена со македонска музичка програма. За најмалите обезбедено е посебно катче, каде преку приказни и креативни работилници на дечињата ќе им ја доближиме нашата убава традиција, ќе ги запознаеме со македонските афтохтони семиња, а заедно ќе го замеисме и лепчето на баба.

„Националниот саем за храна и пијалоци на едно место ги спојува стотиците успешни приказни, кои се реализирани со поддршката која како министерство ја даваме за малите производители на храна, малите семејни винарии, младите земјоделци и жената земјоделка. Токму овој саем е уште еден доказ дека посветено работиме и креираме мерки што даваат резултати“, изјави министерот Николовски.

Како министерство малите производители на храна од животинско и неживотинско потекло и малите семејни винарии ги поддржуваме со грант до 10.000 евра за набавка на опрема за производство. Додека со грант до 5.000 евра обезбедуваме поддршка за набавка на опрема за малите дестилерии.

„Интересот кај земјоделците за овие мерки беше голем, со двојно повеќе апликации од оние што како министерство ги очекувавме при проектирањето на мерката. Во таа насока, како министерство кое секогаш води искрена грижа за секој еден земјоделец, преку ребалансот на буџетот за 2023 година, обезбедивме дополнителни околу 120 милиони денари, средства наменети за нови 200 мали производители од повиците за поддршка на малите семејни винарии и малите производители на храна од неживотинско потекло“, изјави министерот Николовски.

До сега веќе се доделени договорите од јавните повици за поддршка на малите дестилерии и малите производители на храна од животинско потекло, односно склучени се 12 договори за поддршка на малите дестилерии и 15 договори за поддршка на малите производители на храна од животинско потекло. Во следниот период следува доделувањето на договорите од повикот за малите семејни винарии и малите производители на храна од неживотинско потекло. Преку овие мерки за поддршка создадеме нови успешни приказни кај малите производители на храна и пијалоци.