Ковачевски - Душек: Соработката со Светскиот економски форум е посебно значајна за економските перспективи на Северна Македонија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во Њујорк се сретна со управниот директор на Светскиот економски форум, Мирек Душек.

На состанокот е разговарано за економските перспективи на Република Северна Македонија и на регионот на Западен Балкан, во контекст на политичките и безбедносните предизвици на европскиот континент, како и за важноста од соработката на нашата држава со Форумот, во ваквата констелација. Преку активната соработка со над 800 водечки светски компании, Светскиот економски форум може значајно да придонесе за привлекување на вниманието на инвеститорите кон земјите од Западниот Балкан.

Премиерот Ковачевски оцени дека соработката со Светскиот економски форум е посебно значајна за Република Северна Македонија, во услови кога државата е насочена кон забрзан евроинтеграциски процес, од којшто се очекува унапредување на квалитетот на живот на македонските граѓани и економски развој.

„На патот кон евроинтеграциската цел, што сметаме дека е достижна до 2030 година, нашата земја има потреба од иновации и поттик на конкурентноста на компаниите и вложувања и мотивација на човечкиот капитал. Драгоцени се искуствата и размената на знаења на собирите на Форумот од глобален формат, по значајни прашања како што се: бизнис солуциите за одржлив развој, особено во производството на храна, изнаоѓањето решенија околу енергетските потенцијали, на планот на климатските промени, состојбите во здравството, глобалната конкуренција, информатичката технологија, борбата за спречување на корупцијата“, рече премиерот Ковачевски.

На состанокот е констатирано дека Република Северна Македонија бележи напредок во рангирањата според економските перформанси и е оценето дека е потребно одржување на фокусот по заземената насока, за што е најавена натамошна зајакната соработка со Светскиот економски форум.