Ковачевски: За време на оваа Влада, за 59,3% пораснаа просечните плати во државата

Премиерот Димитар Ковачевски на седницата за пратенички прашања во Собранието на Република Северна Македонија, изнесе споредба за економските параметри сега и во времето на претходната Влада до 2017 година. Премиерот Ковачевски, истакна дека согласно статистичките параметри, растат платите, инфлацијата се намалува, а тоа значи дека се подобрува и животниот стандард и во услови на најголемата светска економска криза. Дополнително, подвлече дека новите инвестиции носат мноштво придобивки за животниот стандард на граѓаните, создаваат можности за работа, ја намалуваат невработеноста и обезбедуваат стабилни извори на приходи, што резултира со повисоки плати и подобрување на куповната моќ на граѓаните.

Премиерот истакна дека тенденцијата за намалување на диспаритетите во економскиот развој во Северна Македонија се согледува преку распределбата на исплатата на финансиската поддршка по региони.

„Ако во 2018 година 45% од 3 милиони и 120 илјади евра завршиле за компании од Скопскиот регион, минатата година овој процент изнесува 32%  од  23 милиони евра. Во овој индикатор за рамномерен развој учеството на останатите седум плански региони се зголемува од 55% во 2018 година на 68% во 2022 година.

Кај нај неразвиениот Североисточен регион, имаме раст од 7 процентни поени, односно од 1% во 2018 година на 8% учество во вкупната вредност на исплатената финансиски инвестициски поддршки во текот на  2022 година.

Урамнотежените инвестиции придонесуваат за развојот на сите региони, развивајќи тенденции во економијата ниту една област да не заостане во однос на растот и можностите.

Преку балансиран пристап во поттикнувањето и поддршката на инвестициите создаваме и можност за работа на локално ниво, намалувајќи ја потребата за миграција во потрага по вработување“, рече Ковачевски.

Премиерот подвлече дека кога сме кај животниот стандард на граѓаните, промената најдобро се согледува преку споредбата на растот на исплатената просечна плата и растот на инфлацијата, што зборува за нивната реална куповна моќ.

„Ако просечната плата во мај 2017 година, непосредно пред доаѓањето на власт на СДСМ и коалицијата, изнесуваше 22.889 денари, по шест години, односно годинава во месец мај имаме највисок износ на исплатена просечна плата од 36.465 денари, што е раст од 59.3%.Во 2011 година, во мај месец 2011 година граѓаните на нашата држава просечно имале нето плата од 20.954 денари, односно за период од шест години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ успеале да ја зголемат нето платата за 1.935 денари, додека пак Владата на СДСМ за ист временски период од шест години за 13.576 денари. 

Разликата е очигледна, во периодот 2011-2017 нето платата за време на претходната Влада се зголемила за 9.2%, додека пак за време на владеењето на СДСМ, 2017-2023, истата се зголемила за  59.3%. Тоа е разлика од 50.1 процентни поени. Ако овие бројки ги споредиме од аспект и на растот на инфлацијата во овие два временски периоди, односно ако ја увидиме како се движела реалната куповна моќ на граѓаните, ќе видиме дека животниот стандард од 2017 до денес се има драматично подобрено. Кумулативно инфлацијата од мај 2011 година до мај 2017 година изнесувала 5,7%, а растот на нето палтата 9,2%, односно реалната куповна моќ на граѓаните се зголемила за 3,5%. 

Во периодот од мај 2017 година до мај 2023 кумулативно инфлацијата се зголемила за 29,1%, ова е период на голема економска и енергетска криза во која инфлаторниот бран не поштеди ниту една национална економија. Во истиот период, растот на просечната палта изнесуваше 59,3%, односно и покрај високиот ценовен притисок врз животниот стандард на граѓаните, како резултат на економски политики успеавме куповната моќ на граѓаните да ја зголемиме за 30,2 процентни поени. Разликата помеѓу ефектите на економските политики на оваа и претходната Влада, изразена во бројки е 26,4 процентни поени во корист на оваа Влада. За шест години на владеењето на претходната конзервативна Влада реалната куповна моќ на граѓаните или ако сакате животниот стандард пораснал за 3,5%, додека за шест години на оваа Влада за 30,2%“, рече Ковачевски и подвлече дека  од овој бран на раст на просечната нето палата во земјава, ниту еден вработен во било кој сектор не е поштеден, а тоа го потврдуваат и податоците на Државниот завод за статистика.