Битиќи во компанијата Руен: Финансиски ги поддржуваме компаниите преку иновации и технолошки развој да ја зголемат својата конкурентност

Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи во Кочани ја посети компанијата Руен, која Владата финансиски ја има подржано со договор за финансиска поддршка на инвестиции.

Вицепремиерот Битиќи рече дека на Руен, која се осмели да влезе во нов инвестициски проект од скоро 110 милиони денари за производство на делови и дополнителен прибор за моторни возила, преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите за периодот 2017-2021 година, Владата и исплати над 43 милиони денари финансиска поддршка.

„Оваа поддршка е важна за развојот на нашите компании, а со тоа и целокупната економија бидејќи на компаниите им помага да се поттикнат во иновации, одржлив раст, намалување на трошоците и целокупно зголемување на нивната конкурентност која им овозможува да се прилагодат на промените на пазарот и да испорачуваат вредност за клиентите“, изјави Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи посочи дека со нејзините над 180 вработени, компанијата Руен денес важи за водечки европски производител на спојки, кој ја проширува својата продажна мрежа на 5 континенти и во повеќе од 50 земји.

„Кога една инвестиција со себе носи иновативност, дигитализирани процеси и истражување, тогаш создава можности и локалната работна сила да се стекне со нови вештини и знаења, правејќи ја долгорочно конкурентна во пошироки регионални и глобални рамки“, изјави Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи информираше со финансиската помош за компаниите, Владата стимулира рамномерен развој при што само во Источниот Плански регион, во 2022 година поддржавме 57 компании на кои им беше исплатена финансиска поддршка од над 205 милиони денари.

Управителот на компанијата Глигор Цветанов, се заблагодари за поддршката на Владата преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, особено во делот за истражување и развој, преку која мерка, Руен произведува делови за новите генерации Еуро 5 и Еуро 6 на камиони.