Шаќири: Oбезбедивме континуиран раст на платите во образованието и науката, ја зголемуваме мотивацијата за работа кај наставниот и научно – истражувачкиот кадар

Платите во образованието и науката континуирано се зголемуваат. Тоа е една од компонентите на нашиот план за унапредување на квалитетот на националниот образовен систем, затоа што од задоволството и мотивацијата на вработените во овие области, најмногу зависат постигнатите резултати, а тие се огледуваат преку знаењето на новите генерации, креирањето на иновации и научни достигнувања.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на својот Фејсбук профил сподели компаративни податоци за платите во образованието и науката од 2016 и 2023 година. Истите во просек се зголемени за околу 40%. 

Па така, наставник во основно образование во 2016 година имал нето плата од 20.300 денари, додека во 2023 година добива 29.250 денари, односно зголемувањето е за 44%. Професор во средно образование добивал 21.500 денари, а сега нето платата е зголемена за 42%, односно изнесува 30.400 денари. 

Во високото образование пак, професорите добиле зголемување на нето платата за речиси 50%, односно од 34.350 денари пред 7 години, сега таа изнесува 51.400 денари. Научните советници во јавните научни установи сега имаат нето плата од 45.000 денари, а во 2016 година таа изнесувала 34.450. Зголемувањето е за 30%. 

Шаќири изразува задоволство што најголемото покачување на платите во образованието и науката се случи токму во периодот откако тој е назначен за министер во овој ресор и тоа за 18% во 2022 и 2023 година. Уверува дека оваа политика за подигување на дигнитетот на наставничката професија во општеството, односно грижата за достоинствено вреднување на трудот, желбата и посветеноста на наставниот кадар, ќе продолжи и понатаму, отворајќи притоа и многу нови можности за кариерен и професионален развој.