Спасовски со Отворен кабинет во СВР Тетово: Тука сме за граѓаните, мотив повеќе за уште подобри резултати

Во Секторот за внатрешни работи Тетово, денеска беше реализиран уште еден „Отворен кабинет” на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, по теркот на веќе реализираните  во СВР Штип, ОВР Струга и ОВР Кавадарци.

„Денеска продолжуваме со серијата посети во кои се опфатени сите Сектори за внатрешни работи вклучувајќи ги и Одделенијата за внатрешни работи низ државата во рамки на проектот на Министерството за внатрешни работи „Отворен кабинет“, како дел од веќе утврдениот концепт „МВР за ГРАЃАНИТЕ“. Преку овој проект сакам лично и непосредно да ги слушнам предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, нивните идеи и предлози за подобрување на безбедноста во заедницата во која живеат. Целта е да се слушне мислењето на секој граѓанин како полицијата да придонесе за поголемо спокојство на секој поединец, бидејќи ние сме тука токму за граѓаните, да се запознаам со реализираните активности од почетокот на годината досега, како и со постигнатите резултати и на тој начин да направиме еден сублимат на сѐ што е постигнато зацртувајќи ги  целите за следниов период”, рече министерот Спасовски во изјава за медиумите во СВР Тетово.

Министерот Спасовски утрово оствари и работна средба со раководството на овој Сектор, при што беше запознаен со безбедносната состојба на подрачјето на СВР Тетово, состојбите со криминалитетот, како и активностите кои се преземаат во насока на намалување на стапката на криминалитет во приоритетните области, одржување на поволен јавен ред и мир, безбеден патен сообраќај и превенција, со единствена цел - подигнување на безбедноста во градот и заштита на граѓаните.

„Согласно презентираните показатели, безбедносната состојба на подрачјето во надлежност на СВР Тетово е поволна и на задоволително ниво, што е особено важно за граѓаните од овој дел, но и во рамки на генералната безбедносна оценка за државата. Вкупниот криминал на подрачјето на СВР Тетово во изминатите шест месеци од 2023 година, споредбено со истиот период претходната година, бележи намалување за 5%.  Севкупната откривачка дејност на ниво на СВР Тетово, во текот на 2023 година изнесува 78%. Класичниот криминал на територија на СВР Тетово во првите пет месеци од 2023 година бележи намалување за 5% споредбено со истиот период 2022 година.

Во првите шест месеци од годинава имаме зголемување на откривачката функција за 48% компаративно со истиот период лани во справувањето со „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.

Зголемување на откривачката функција за 14% годинава имаме и во областа на недозволената трговија со оружје и распрскувачки материи, споредбено со првите шест месеци лани. Позитивен тренд се бележи и во областа на сообраќајот”, информираше министерот Спасовски, додавајќи дека СВР Тетово реализира и превентивни активности.

„Од страна на СВР Тетово во првите шест месеци во текот на 2023 година реализирани се 7 превентивно-едукативни проекти и 13 превентивни кампањи, како и над дваесетина други тековни активности од ваква природа и карактер, чиј иницијатор и носител беше Отсекот за превенција, во соработка со локалните самоуправи, а во некои од нив и со ОБСЕ. Со овие активности во најголем број беа опфатени ученици од основно и средно училишта, деца од градинки и Советодавни групи на граѓани во урбани и рурални средини”, истакна министерот Спасовски, со уверување дека вработените во СВР Тетово и во наредниот период ќе продолжат со зголемена динамика при реализацијата на превентивните активности, но и на репресивните мерки, а средбите со граѓаните во рамки на проектот „Отворен Кабинет“ ќе бидат мотив повеќе за уште подобри резултати и силно продолжување на концептот „МВР за ГРАЃАНИТЕ“.