Николовски: Навремено на почетокот од жетвата креираме нови мерки за производителите на јачмен и пченица, и дополнителна поддршка за производителите на ориз

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по извршени повеќе консултации со подсекторската група за жито, навремено на самиот почеток на жетвата, подготви нови мерки за поддршка на земјоделците за пченица и јачмен. Мерки прифатени од земјоделците и во интерес на земјоделците. Во таа насока вака подготвените мерки, министерството ќе ги достави како предлог до Владата за усвојување.   

Преку Интервентната програма се креира нова мерка за поддршка на пченицата. Мерка каде предлагаме дополнителни 3 денари за продаден килограм пченица, кај регистрирани откупувачи во период до 31 август 2023 година.

„На овој начин производителите на пченица добиваат дополнителна поддршка, а целта на поддршката е да ги наполниме домашните капацитети со домашно производство“ истакна министерот Николовски.

Во Уредбата за директни плаќања креираме мерка, дополнителна субвенција за остварено производство на јачмен во вредност од 12.000 денари по хектар, без скалесто субвенционирање.

„Мерка наменета за производителите на јачмен, кои оствариле минимален принос од 3.000 кг/ха и кои своето производство го имаат продадено кај регистрирани откупувачи, или складирано во регистрирани објекти, продадено на домашни фарми, или пак производството го искористиле во сопствените фарми во период до 31 август 2023 година“ изјави министерот Николовски.

Исто така, се прави измена кај подмерката 1.3. од Уредбата за директните плаќања за 2023 година, со која велиме дека годинешното производство на пченицата и јачменот треба да биде продадено кај регистрирани откупувачи. Со ова земјоделците добиваат поширок простор сами да одберат каде ќе го продаваат своето производство на откупувач кој повеќе им одговара.  

„Навремено, со цел да излеземе во пресрет на производителите на житни култури, правиме измени и на Програмата за директни плаќања кај мерката 7, преку која обезбедуваме финасиска поддршка за складирање на пченица и јачмен од домашно производство од род 2023 година. Со измената која ја правиме се зголемува рокот за предавање во складишни капацитети на производството од пченица и јачмен, кој наместо од 1 август, ќе почнува од 15-ти јуни и ќе трае до 1 септември 2023 година, со цел да ги опфатиме и оние земјоделци кои досега веќе го предале своето производство. Ова би значело дека сите земјоделци кои ќе го предадат производството на складирање заклучно со 1 септември ќе можат да добијат финансиска поддршка за целиот период, додека количините се во складиштата, односно до крајот на годината. Очекуваме зголемени колчини и затоа ја зголемуваме сумата за оваа мерка од 500.000 на 1.500.000 денари по корисник“, изјави министерот Николовски.  

Нова подршка предвидуваме и за производителите на ориз, менувајќи ја подмерката 1.2 од Уредбата за директни плаќања.

„Преку измените висината на дополнителни директни плаќања за ориз изнесува 12.000 денари по хектар без употреба на сертифициран семенски материјал, а 19.000 денари по хектар со употреба на сертифициран семенски материјал“ изјави министерот Николовски.

Сите земјоделци кои имаат засеано површини со ориз, со сертифициран семенски материјал, доказите за набавка на истиот треба да ги достават до подрачните единици на МЗШВ, каде што имаат поднесено барање за финансиска поддршка, најдоцна до 14 јули. Врз основа на овие докази потоа  АФПЗРР ќе изврши пресметка на износот на исплата на оваа дополнителна поддршка.

Креираме мерки продолжувајќи го континуитетот во поддршката на домашното производство. Токму ова беше нашата цел со Националниот план за производство на храна, што го донесовме минатата година. Поголема поддршка на земјоделците за да имаат квалитетно производство, поголем принос, насочувајќи го домашното производство кон домашните преработувачки капацитети.