Средба Грковска-Хан: Благодарни сме за искрената и постојана поддршка од нашите европски пријатели

Со средбата со Јоханес Хан, Комесар за буџет и администрација, се заокружи работната посета на Брисел на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска. 

Таа го информираше за надлежностите на Кабинетот за политики за добро владеење, кој за првпат се воведе во актуелната влада, како и за реформските процеси кои ги координира.

Како докажан пријател на Северна Македонија, Хан се интересираше за актуелните случувања  околу усвојувањето на уставните измени, што е клучен чекор за продолжување на евроинтегративниот процес на земјата. 

Вицепремиерката Грковска истакна дека сите вклучени страни треба да придонесат за промена на наративот околу ова прашање, кое не треба да се користи за популизам и јакнење на национализмот и евроскептицизмот во земјата и регионот.

Во оваа прилика, вицепремиерката Грковска упати благодарност до еврокомесарот Хан за неговата отворена и континуирана поддршка во пристапувањето кон Европската унија, како и за обезбедувањето макрофинансиска поддршка за нашата држава, како особено важна во справувањето со ефектите од економската криза.