Николовски: Започнува со работа новиот градски пазар во Делчево, капитална инвестиција поддржана преку програмата за рурален развој, со која решаваме деценски проблем на граѓаните

Интегрален текст од обраќањето на министерот Љупчо Николовски, од отворањето на новиот градски пазар во општина Делчево.

Секогаш се радувам кога започнуваме или завршуваме некој капитален проект во мојот исток.

Како Влада и министерство, во дело сме докажале дека водиме грижа и вложуваме во развојот на македонскиот исток. И не е само истокот, посветено градиме и вложуваме во секоја општина, секој град и село, еднакво развивајќи го секој дел на државата.

Развиени општини значат силна економија. Значат подобар живот за граѓаните. Во таа насока како министерство континуирано вложуваме во поддршка на рамномерниот регионален развој, преку конкретни мерки за поддршка на општините во зајакнување на инфраструктурата и вложување во развој на руралните средини. 

Креираме мерки што даваат резултати. Денес за прв пат во историјата на градот, граѓаните на општина Делчево добиваат модерен и современ градски пазар, токму како резултат на поддршката од министерството преку мерката 123 од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2018 година.

Изградбата на овој капитален проект беше децениска желба и реална потреба на граѓаните во општина Делчево.

Новиот модерен градски пазар се протега на површина од 2.408 м2, располага со 18 дуќани и 192 продажни пунктови. Вкупната вредноста на овој капитален проект изнесува 45 милиони денари, заеднички реализиран со средбата од буџетот на општина Делчево и министерството за земјоделство, преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и Центарот за развој на Источно-планскиот регион.

Сакам во оваа прилика да изразам благодарност и признание до градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски, за неговата посветеност и вложеност во реализацијата на овој голем капитален проект, решавајќи еден голем проблем на своите сограѓани.

Овој градски пазар, драги пазарџии, е изграден и наменет за вас. За да можете потеркот на другите големи и современи пазари, на модерни тезги, со обезбедени квалитетни санитарни услови и поголема хигиена и по сите стандарди, без проблем да ја вршите продажбата на вашите земјоделски производи или производи од текстил и облека. Модерен пазар изграден за вас и за сите делчевци.

Изградбата на овој пазар ќе го направи Делчево, како погранично место, економски центар, не само за градот, туку и регионот.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку Програмата за рурален развој поддржува проекти кои се насочени конкретно кон развој на општините, развој на руралните средини, проекти кои го подобруваат животот на граѓаните. 

И токму овде во општина Делчево преку Програмата за рурален развој, покрај изградбата на градскиот пазар, сме обезбедиле поддршка за реконструкција на локалниот пат Л3 (Делчево-Очипала-Драмче-Вратиславци). Потоа поддршка на проект за изградба на фекална канализација во населба Бесарица и во дел во населба покрај локалниот пат од с. Киселица до с. Вратиславци, како и изградба на улици во населба Басарица. Поддржани проекти на општина Делчево за периодот од  2017 до 2022 година, во вредност од 44,7 милиони денари.

Преку мерките, 112, 113 и 115 на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за Делчево како земјоделска општина, сме дале поддршка на дваесет апликации за поддршка на млади земјоделци со грант од 10.000 и 20.000 евра и поддршка за активен женски член во земјоделско домаќинство со грант од 3.000 евра.

Оваа 2023 година ја нарековме година на нови можности во земјоделството. Година во која стартува новиот модел за субвенционирање, модел што на земјоделците им гарантира ефикасност и навремена исплата на субвенциите.

Модел кој на сите земјоделци им дава основна директна субвенција, која за прв пат авансно ќе биде исплатена, како и дополнителна субвенција за оние земјоделци кои произведуваат значајни култури за државата. Аплицирањето за субвенциите за 2023 година е во тек, а крајниот рок е до 30 јуни 2023 година. Ги повикувам сите земјоделци навремено да аплицираат во подрачните единици или електронски преку веб страната на Платежната Агенција.

Креиравме многу нови програми за поддршка на секој еден земјоделец. Програми со кои за прв пат даваме поддршка на малите производители на храна, со грант до 10.000 евра за набавка на опрема за производство. Поддршка за развој на малите семејни винарии и малите дестилерии, со грантови до 10.000 и 5.000 евра за набавка на опрема за производство.

Нова мерка бизнис план во земјоделството, со која даваме поддршка на индивидуалните земјоделци за модернизација на производството, преку отворен повик, сами да одберат кака опрема ќе набават и да аплицираат тогаш кога тие ќе бидат подготвени.

Нема населено место каде немаме табла со реализиран ИПАРД проект, за што сме лидери во регионот по искористенот на средства од ИПАРД 2 програмата. Токму во Делчево, преку ИПАРД 2 програмата потпишани се 41 договор, од кои 29 договори за мерката 1, потоа 4 договори за мерката 3 и за мерката 7 потпишани се 8 договори.

Вкупната вредност на потпишаните договори преку ИПАРД 2 програмата овде во Делчево изнесува 2.551.508 евра, од кои 1.094.965 евра средства од ЕУ, 364.988 евра Национални средства и 1.091.554 евра приватно учество на апликантите.

Како земја лидер со новата ИПАРД 3 програма имаме за 62% зголемен европски буџет за уште поголема поддршка и модернизација на македонското земјоделство.

Посветено работејќи во интерес на граѓаните, како министерство и Влада, креираме мерки за секој граѓанин. Затоа и од тука ги повикувам земјоделците активно да не следат и максимално да ја искористат секоја мерка која им се става на располагање. Општините пак, да работат и подготвуваат проекти со кои би можеле да ја искористат поддршката од Програмата за рурален развој.

Нека е со среќа и со добро да ве служи новиот градски пазар.