Спасовски на 11. Сесија на Работната група – 4 „Правда, слобода и безбедност” во рамки на Национална Конвенција на Европската Унија во Република Северна Македонија: Државата има сериозен пристап кон хибридните закани

Денеска, (24.04.2023) во Клубот на пратеници се одржа 11. Сесија на Работна група – 4, Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24) во организација на Национална Конвенција на Европската Унија во Република Северна Македонија, на тема „Зајакнување на отпорноста и подобрување на капацитетите за одговор на хибридните закани”.

Воведни обраќања на 11.Сесија имаа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заменик министерката за здравство, Марина Манолева, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Н.Е. Килијан Вал, Националната координаторка на НКЕУ-МК и Претседател на Европско движење во Северна Македонија, Милева Ѓуровска, како и државната секретарка при МВР, Магдалена Несторовска  во улога на копретседавач заедно со Андреј Лепавцов, амбасадор, член на Европското Движење, а во присуство на експерти, професори, преставници на граѓанскиот сектор, на меѓународните организации, на МВР, членови на програмскиот совет на Работна група 3 Правда и фундаментални права, членови на  програмскиот совет на работната група 6 – Антикорупција.

Меѓу говорниците во делот на експертска анализа свое обраќање имаше и Марија Ѓошева – Крстески, началник на Одделение за истраги за компјутерски криминал, Сектор за Компјутерски Криминал и Дигитална форензика при МВР, како и Мирослава Савирис, Директор на Одделот за стратешка комуникација при Канцеларијата на Советот за безбедност на Република Словачка.

Министерот Спасовски во своето обраќање се осврна на руската агресија врз Украина, за последиците во економскиот и енергетскиот сектор особено на пазарот со електрична енергија, нафтените деривати и природниот гас, како и во пазарот со храна, како и хибридни закани, активности и напади преку социјалните мрежи преку ширење на невистинити информации, дезинформации, говор на омраза, лажните дојави за бомби како тип на закани кој не е феномен кој се појавил само во Република Северна Македонија, туку и во други земји од регионот како Србија,  Хрватска, Црна Гора, Косово, Романија, БиХ, но и други земји од Европа, вклучувајќи ги и САД и Канада.

„Од денешен аспект, со сигурност можам да констатирам дека безбедносната ситуација во државата е стабилна, а МВР успешно ја врши својата работа да ја гарантира безбедноста на секој граѓанин во нашата држава. Денеска Република Северна Македонија е во позиција да ги користи научените лекции, да соработува, како и да придонесува во сите релевантни активности на ЕУ и НАТО поврзани со хибридните закани. Секако дека нашата држава, како земја членка на НАТО има и обврска за сериозен пристап кон овие напади согласно НАТО стратегијата за справување со сајбер нападите и тоа го правиме, па на ниво на држава формиравме и Национален совет за сајбер безбедност, според најновите НАТО стандарди, составен од членови од повеќе релевантни институции во Република Северна Македонија”, рече министерот Спасовски, додавајќи дека, меѓу другото, во моментот во Република Северна Македонија се имплементира Националната стратегија за сајбер безбедност 2018-2022 година, која е развиена во согласност со Стратегијата за сајбер безбедност на ЕУ и Политиката и Заложбата за сајбер безбедност на НАТО за обезбедување на сигурно, безбедно, доверливо и отпорно дигитално опкружување, во корист на граѓаните, бизнисите и јавната администрација.

Државната секретарка при МВР, Магдалена Несторовска истакна дека целта со дискусиите на ваквите сесии, вклучително и оваа е да се дефинира степенот на отпорност на институциите на ваквите закани, да се подигне свеста дека наша обврска е да ги предвидиме ваквите и други слични ризиците, да ги детектираме евентуалните гапови во нормативната регулација, на стратешко но и на оперативно ниво.

„Очекувам дека и овој пат избравме тема за која постои особен интерес во јавноста, не само заради општо познатиот факт хибридните закани ја загрозуваат националната безбедност на земјата, туку и заради фактот што хибридните напади  влијаеја деструктивно врз перцепцијата за безбедност на илјадници наши граѓани, преку загрозувањето на слободата на движење и попречување на нормално функционирање на бројни институции  и илјадници семејства во државата. Ширењето на паника и страв со закани насочени во над 700 институции, дојави за поставени бомби во училишта и јавни институции, без разлика што се работеше за лажни дојави, ја постигнуваше целта со ширење на паника и создавање на  чувство на несигурност кај илјадници граѓани, а со тоа и недоверба во институциите”, истакна државната секретарка Несторовска, додавајќи дека потребен е мултиинституционален пристап во справувањето со овие и слични безбедносни закани.

Заменик министерката за здравство, Марина Манолева ги потенцираше важните аспекти на хибридните закани, нивното влијание на електронското здравство и здравствениот систем во целина.

„Во контекстот на здравствениот систем, хибридните напади  претставуваат актуелна закана која може да се одрази на достапноста на медицинските услуги, безбедноста на медицинските податоци, целосноста на информациите и приватноста на пациентите. Сведоци сме на неодамнешниот сајбер напад на Фондот за здравствено осигурување кој предизвика делумен застој во остварување на исплатите за здравствените услуги. Важноста на електронските здравствени системи ги издигнува на ниво на критична информациска инфраструктура, чија заштита е потребно да биде на највисоко ниво, а соодветно потребни се и механизми за справување со кризите кои можат да произлезат од хибридните напади”, рече Манолева, додавајќи дека за да се бориме со овие закани мора да се разгледаат клучните области едукација и подигнувањето на свеста кај корисниците, техничките и превентивните мерки, имањето јасни и стандардизирани политики и процедури, како и етички принципи, и секако соработка и споделување информации.