Ковачевски-Нехамер: Северна Македонија и Австрија се силни економски партнери, имаме огромна поддршка за евроинтеграцискиот процес

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска во Виена, во рамки на дводневната работна посета, оствари тет-а-тет средба со австрискиот канцелар Карл Нехамер.

Двајцата соговорници разменија ставови и информации за актуелните состојби и предизвици со кои се соочуваат европските земји, како и последиците од економско-енергетската криза.

Премиерот Ковачевски, го запозна австрискиот канцелар со актуелните внатрешно политички случувања во Северна Македонија, изрази задоволство од тоа како тече скрининг процесот и реформскиот процес во земјата. 

Ковачевски му се заблагодари на Нехамер за севкупната поддршка од Австрија за процесот на пристапните преговори како и за силната поддршка која ја добива Северна Македонија како на економски така и на безбедносен план. Австрија е силен и гласен поддржувач, партнер и застапник за европската интеграција на Северна Македонија, и на земјите од Западниот Балкан, беше кажано на средбата.