Средба Османи-Тајани: Италијанскиот засилен фокус на Балканот е повеќе од добредојден

Mинистерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи оствари билатерална средба со својот италијански колега, Антонио Тајани.

Во фокусот на разговорите беа процесот на пристапување на нашата држава во ЕУ, регионалната динамика и обновувањето на интересот за Иницијативата И8 меѓу Северна Македонија, Италија, Албанија и Бугарија долж Коридорот 8. 

Министерот Османи го поздрави обновениот и засилен фокус на Италија кон регионот кој има за цел да го реактуелизира и забрза процесот на евроинтеграција на државите од регионот, истовремено промовирајќи дијалог и соработка.

"Се покажавме како одговорен и доверлив партнер на ЕУ и НАТО, придонесовме за заедничка поддршка на Украина, вклучително и воена, настапуваме со знаење и експертиза на скринингот на ЕУ и решени сме да ги извршиме уставните амандмани за да го отвориме првиот кластер Темели што е можно поскоро", го запозна Османи соговорникот.

Османи го реафирмираше интересот од наша страна за продлабочување на меѓусебната соработка меѓу Северна Македонија, Италија, Албанија и Бугарија преку Иницијативата И8, со цел да се забрзаат инфраструктурните, енергетските, дигиталните и комуникациските инвестициски проекти долж трасата на транс-европскиот транспортен коридор VIII, што истовремено ќе послужи и како политичка платформа за унапредување на политичката, економската, безбедносната, културната и социјалната соработка.

На средбата беа разменети и мислења околу нашето претседавање со ОБСЕ и италијанската поддршка во справување со актуелните предизвици на Организацијата.