Од прес-конференцијата на Андонов: Сите лиценцирани компании да се пријават на јавниот повик на ЕСМ Продажба за испорака на природен гас, повеќе понуди за поконкурентна цена

На денешната прес-конференција на којашто се обрати соработникот за енергетика Виктор Андонов беа споделени најновите информации за енергетската состојба на земјата.

„Во текот на вчерашниот ден, произведени се вкупно 15.554 Mwh електрична енергија, од кои 11.798 Mwh се од термоелектраните, додека 3756 Mwh се од обновливи извори на енергија. Ова производство на електрична енергија е наменето за домаќинствата и малите потрошувачи како и за потребите за дополнителните снабдувања за училишта, прехранбена индустрија и витални државни субјекти“, рече Андонов.

Во своето обраќање Андонов истакна дека во текот на вчерашниот ден ЕСМ Продажба објави повик за прибирање на понуди за снабдување со природен гас за месец март за топланите и другите потрошувачи во државата и ги објасни деталите од повикот.

„На овој јавен повик може да се пријават сите домашни и странски лиценцирани и регистрирани компании за дејноста кои имаат можност да обезбедат и да испорачаат гас за месец март 2023. Јавниот повик трае до 24.02.

Компаниите треба да достават податоци за нивната понуда во однос на технички карактеристики на гасот, земја на потекло, гаранција, фиксна цена за Mwh, вкупна количина која што се нуди и изјава од одговорно лице на понудувачот дека може да ги обезбеди наведените количини во периодот за кој се дава понудата односно за месец март на точка на испорака главна мерна станица Жидилово Република Северна Македонија.

Ги повикувам сите заинтересирани компании кои можат да ги обезбедат потребните количини барани во повикот, во текот на наредните 2 дена да се пријават на јавниот повик. Во интерес на граѓаните е да имаме повеќе понуди и конкурентни услови со цел обезбедување на најповолната понуда“, додаде Андонов.

Воедно тој упати и апел до граѓаните кои ги усполнуваат условите објавени на јавниот повик од Министерството за економија кој сеуште е активен, а се однесува на субвенционирање на сметките за електрична енергија за најранливите категории на граѓани, да аплицираат на повикот и да ги остварат своите права.

„Владата обезбеди скоро 1 милион евра за субвенционирање на сметките за електрична енергија на домаќинствата со ниски приходи. Субвенцијата се движи од 600 до 800 денари на сметката во зависност од категоријата во која припаѓаат.Сите потребни информации се наоѓаат на веб страницата на Министерството за економија“, рече соработникот за енергетика Виктор Андонов.