Ковачевски: Со новиот модел за субвенции ги јакнеме стратешките земјоделски гранки за зголемено домашно производство на храна

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска во Кавадарци ја посети семејната винарија „Јаковлевски", кои имаат долга традиција во производство на вино, а од 2020 година се регистрирани како семејна винарија согласно Законот за вино. Оваа винарија е корисник на грантовите од 10.000 евра преку Програмата за финансиска поддршка на микро земјоделски производители на вино, а како корисник на субвенциите од Програмата за директни плаќања се опфатени и со новиот модел за субвенции во земјоделството.

 

Во продолжение е изјавата на премиерот Ковачевски во целост.

„Почитувано семејство Јаковлевски, почитувани присутни,

Најпрво да се заблагодарам на честа што денес сум гостин во вашата семејна винарија.

Драго ми е што мерките што ги носиме во услови на една од најголемите економски кризи во цела Европа и нашите политики за насочување на парите кон граѓаните покажуваат конкретни и видливи резултати.  

Овде во Кавадарци, како што кажав се наоѓаме во посета на семејната винарија Јаковлевски, винарија со семејна традиција долга повеќе од 50 години. Тие по долги години работа, се регистрираа во 2020 година, ги искористија измените што ги направивме на Законот за вино, токму со цел да им помогнеме на малите винарии да се развијат и да го зголемат своето производство.

Тие ги следеле владините мерки за поддршка на винариите и преку конкретни грантови, имаат аплицирано и добиено грант од државата. А, со средствата, како што споделија со нас, купиле нови садови за вино, топлинска пумпа за контролирана ферментација на вино, барик буриња и слично.

И денес во производството на вино се вклучени сите членови од семејството Јаковлевски, кои го зголемуваат производството на вино, со тоа и на домашните приходи, а секако придонесуваат и во зголемувањето на државниот Буџет.

Кога одлучивме да го измениме Законот за вино, имавме цел и помалите производители да можат легално да го продаваат виното, произведено во домашните капацитети.

Неповратен грант од 10.000 евра по корисник за поддршка во опрема и инвестиции добија 59 мали семејни винарии, како винаријата Јаковлевски и навистина е убаво е да се видат придобивките од оваа мерка.

И покрај светската, прво здравствена, а сега и економско-енергетска криза, што се чувствува и во нашата држава, само за две години, во регистарот на производители на вино се запишале нови 70 мали винарии со капацитет до 50.000 литри вино, од кои 11 се правни и 59 физички лица.

Ова е доказ на дело дека мерките даваат голем резултат.

Освен поддршката на извозно ориентираните земјоделски култури и дејности, како што се грозјето и лозарството и винопроизводителите, во изминатиот период донесовме повеќе мерки во областа на земјоделството, со цел да го зголемиме домашното производство на храна и да ги поддржиме земјоделците кои работат на тоа.

Донесовме одлука за доделување државно земјиште заради зголемено производство на пченка, пченица, јачмен стратешки култури, за што имаше голем интерес на аукцијата и над 15 илјади хектари веќе се доделени.

Инвестиравме во зголемени субвенции, преку Интервентниот фонд за производство на стратешки земјоделски производи, којшто прво беше 400 милиони денари, а потоа го зголемивме на 900 милиони денари.

За прв пат донесовме Национален план за производство на храна и веќе е зголемено производството на пченица, пченка, јачмен.

Производството на сончоглед е веќе дуплирано.

Увозот на сите овие култури е намален, затоа што обезбедивме зголемено домашно производство.

Ова се конкретни докази на дело,  за исправноста и на оваа владина мерки.

Посебно сакам да го нагласам ефектот што го очекуваме од новиот модел на субвенционирањето.

Запознаени се земјоделците, заедно со нив работевме на промените, со цел да ги заштитиме вистинските земјоделци и секако да го зголемиме производството на храна во државата.

Владата, на предлог на Министерството за земјоделство го усвои новиот модел за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој и за тоа обезбедивме средства во предлог буџетот во 2023 година.

Со новиот, т.н де-каплинг (decoupling) систем земјоделците добиваат авансна исплата на субвенциите, во тековната година кога конкурирале за субвенцијата, односно тогаш кога им се најпотребни парите.

Дополнителна поддршка добиваат оние земјоделци кои ќе се насочат кон производство на стратешките култури, со користење на сертифицирано семе и производот ќе го предадат кај регистрирани капацитети или земјоделски задруги.

Досегашниот систем, според којшто земјоделците добиваа субвенции без да прикажат дека оствариле производство, се заменува со прикажување резултати од вложувањето.

Притоа, со новиот модел на субвенционирање не е предвидено намалување на средствата за земјоделците, туку поефикасна распределба на средствата и побрза исплата.

Нашата цел е да им помогнеме на земјоделците, тоа што тие го побараа од нас, да имаат предвидливо и одржливо земјоделско производство.

Ова е бенефит и за земјоделците и за граѓаните и за државата и верувам дека ќе имаме успех и од оваа системска реформа.

Оваа година, во најкризната 2022 година и сите заостанати субвенции ќе бидат исплатени, со што, повторно ќе порачам, покажуваме на дело што значи никој да не биде оставен сам и парите да одат кон граѓаните на кои им припаѓаат, односно вистинска грижа на државата кон нејзините граѓани“.