Средба Грковска со претставници од невладиниот сектор: Граѓанските организации имаат важна улога при креирањето на идните политики

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска одржа состанок со претставници од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, на кој присуствуваа Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации и Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје.

На оваа средба, која е дел од состаноците што вицепремиерката Грковска редовно ги одржува со граѓанските организации, посебно внимание се посвети на активностите за подобрување на политиките и намалување на ризиците од корупција и судир на интереси при јавните набавки во државните институции, процесите за дигиталната трансформација на општеството, како и на планот за работа на Кабинетот за следниот период.

На состанокот вицепремиерката потенцираше дека соработката со граѓанските организации е клучна, затоа што нивната експертиза е важна при креирањето на идните политики.