Груевски: Во Индија одиме со голема надеж

Владиниот тим предводен од премиерот Никола Груевски, кој во наредните денови во Индија ќе ги презентира можностите и поволностите за инвестирање во Република Македонија во азиската земја, оди со голема надеж за понатамошни индиски инвестиции во земјата.

Имајќи ја предвид ситуацијата во Европа, нагласи Груевски, кога практично цела Европа влегува во рецесија, годинава одлучено е поголем дел од презентациите пред инвеститорите да се прават надвор од Европа, бидејќи во Азија, Америка и во некои други континенти, како што истакна, нема таква должничка криза и рецесија.

- Затоа ја одбравме Индија, државата која е огромна и со огромна економија која практично стана мултинационална со многу мултинационални компании кои инвестираат насекаде низ светот. Неодамна добивме крупна индиска компанија во автомобилската индустрија „Мадерсон“ која ги почна инвестиции и тоа не охрабри дека постои можност да се привлечат дел од тие компани и кога планираат да дојдат во Европа и бираат земја и локација да ја одберат Македонија. Токму затоа одиме во неколку градови, собираме голем број бизнисмени, стопански комори, компании, директори на компании и менаџери и ќе ги презентираме предностите кои Македонија ги дава ако тие решат да инвестираат во Европа, рече Груевски во изјава за медиумите по доделувањето на првите 40 решенија за национални пензии во согласност со измените на Законот за култура.

Ние не можеме, нагласи премиерот, да бидеме конкурентни ако тие решат да продаваат на американскиот или азискиот пазар, но сме многу конкурентни доколку некој од нив реши да дојде на европскиот пазар и тука Македонија има што да каже.

- Но, тоа што треба да се каже не секогаш така лесно доаѓа до ушите на оние кои одлучуваат и токму затоа одлучивме ние да отидеме кај нив и да им го презентираме тоа на највисоко ниво за да ги разберат можностите и предностите што ги дава Република Македонија, не само во даночната сфера, генерално во однос на ниски даноци, но и на драстично намалени бирократски процедури и други помошни поддршки што ги дава државата, истакна Груевски.

Премиерот информираше дека од повеќе компании во Индија најавени се и многу поединечни средби, бидејќи, рече Груевски, тие сакаат посебни детали за евентуално инвестирање во Македонија.

- Задоволство ми е што ќе имаме ваква можност да направиме крупен чекор и обид да привлечеме компании од оваа држава која е една од најмоќните економии на светот со население од 1 милијарда и 100 милиони жители, подвлече Груевски.