Груевски: Новиот кредит од 100 милиони евра за мали и средни претпријатија нема да биде повлечен

Премиерот Никола Груевски денеска потврди дека 100-те милиони евра кредит од Европската инвестициска банка за мали и средни претпријатија нема да бидат повлечени.

Груевски информираше дека во Република Македонија кредитната линија нема да биде повлечена и оти Министерството за финансии веќе работи на потребните подготовки за овој кредит, откако се појавија информации за повлекување одредени кредитни линии поради европската должничка криза.

- Точно е дека се објавени информации за одредени повлекувања, но она што можам да го потврдам е дека 100-те милиони евра кредит за мали и средни претпријатија нема да бидат повлечени. Министерството за финансии работи на сите потребни подготовки за да почне повлекувањето на новите 100 милиони евра кои ќе бидат искоритстени за евтини кредити за нашите компании со камата која нема да биде повисока од 5 ипол отсто, при што таа камата дополнително е субвенционирана и од државата, за да може во овие тешки денови на европска должничка криза, рецесија во Европа и крупни проблеми во ЕУ, нашите компании да го преживеат овој тежок период со ниски трошоци, да останат конкурентни на пазарот, да ги задржат вработените и да ги продолжат проектите, нагласи Груевски по доделувањето на првите 40 решенија за национални пензии во согласност со измените на Законот за култура.

Со оглед дека во државата, како што рече, во моментот не постои поевтина кредитна линија, банкарите практично сите кредити што ги доделуваат се од оваа кредитна линија, бидејќи, како што истакна, веќе 50 милиони евра се повлечени и се при крај на нивна реализација.

- Информиран сум дека практично компаниите целосно се свртеа кон овие кредити, буквално во целост, речиси 100 процентно сите кредитни линии што ги влечат ги влечат од оваа кредитна линија што ја обезбеди државата и државата дополнително ја субвенционира нејзината камата, додаде премиерот.