Одбележана осумгодишнината од смртта на поранешниот претседател Борис Трајковски

Претседателот Борис Трајковски беше личност која безрезервно и несебично се посвети на својата таковина, Република Македонија. Тој беше вистински народен човек и неговото работење секогаш беше во духот на развивањето на регионалната и меѓународната соработка. Претседателот Трајковски беше активна личност во се што правеше, верувајќи дека сите граѓани на Македонија без разлика на своето етничко и релиозно потекло, можат да живеат во заедничка хармонија.

Ова денеска го истакна министерот за одбрана Фатмир Бесими на одбележувањето на осумгодишнината од смртта на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, кој загина во авионска несреќа кај Ротимље во близина на Мостар.

- Врховниот командант ја извршуваше водечката улога како човек со семејни вредности, човек кој беше храбар и трпелив градител на мостови во време на конфликти во балканскиот регион. Република Македонија загуби великан и голем промотор на мир и на човечки вредности, потенцира Бесими.

Тој потсети на познатата мисла која, како што рече, ја дефинираше работата на претседателот Трајковски – „Сите ние споделуваме една иста судбина наречена Македонија“.

На спомен – обележјето во Ротимље цвеќе положи македонска делегација предводена од минстерот за одбрана Фатмир Бесими. Во состав на делегацијата беа министерот за образование и наука Панче Кралев, генерал - мајор Зоран Димов, македонскиот амбасадор во БиХ Рами Реџепи и Мирко Крстевски, претставник од семејствата на загинатите.

Цвеќе положија и претставник од Кабинетот на претседателот на Македонија Ѓорге Иванов, делегации од Министерството за одбрана на БиХ, медицински тим од војската на Република Македонија, од градот Мостар, од општина Столац, дипломатскиот кор во БиХ...
Министерот Бесими денеска се сретна и со градоначалникот на Мостар Љубо Бешлиќ.

На гробот на Трајковски во Скопје, во Алејата на великаните на Градските гробишта во Бутел, меѓудругите, цвеќе положија делегација од Собранието на Република Македонија предводена од потпретседателката Светлана Јакимовска, од Владата на Република Македонија, во состав Владимир Пешевски, Ваљон Сарачини, Никола Тодоров и Елизабета Канческа Милевска и партиска делегација на ВМРО-ДПМНЕ составена од Спиро Ристовски, Коце Трајановски и Влатко Ѓорчев. Цвеќиња беа положени и на гробовите на членовите на делегацијата кои загинаа во авионската несреќа со претседателот Трајковски.

Претседателот Борис Трајковски на денешен ден во 2004 година загина во авионска несреќа во близина на Мостар, Босна и Хрецеговина. Во несреќата, покрај Трајковски животот го загубија Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерство за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски членови на обезбедувањето и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.

Владиниот „Кингер“ со кој претседателот Трајковски патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина, на 26 февруари 2004 година се урна во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи во близина на Мостар. Авионот требаше да слета на мостарскиот аеродром во осум часот по локално време. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот.

Истрагата што ја водеа надлежните македонски и босански органи покажа дека причина за уривањето се пропусти на екипажот направени во процедурата за приоѓање на аеродромот Мостар во услови на сложена метеоролошка состојба, густа магла и облачност. Пропустите биле во тоа што екипажот отстапил од процедурата за слетување, откако претходно ја известил контролата на летање дека ја прифаќа процедурата и дека врши полна процедура при слетувањето.

Борис Трајковски е роден во Струмица на 25 јуни 1956 година. Беше втор претседател на Република Македонија во периодот од 15 декември 1999 година до 26 февруари 2004 година.

Трајковски дипломира на Правниот факултет во Скопје во 1980 година, специјализира деловно право и право на работни односи.

Од 21 декември 1998 година ја извршуваше функцијата заменик министер за надворешни работи на Република Македонија во Владата предводена од Љубчо Георгиевски. Трајковски исто така беше претседател на Комисијата за надворешно - политички односи на ВМРО-ДПМНЕ, главен политички советник за надворешна политика на претседателот на партијата, член на Претседателството на невладината организација Паневропско движење за Република Македонија и на меѓународната конференција „Решавање на конфликти“ со седиште во Атланта, САД. Бил претседател на младината на Обединетата методистичка црква во поранешна Југославија повеќе од 12 години.

За претседател на Република Македонија беше избран во 1999 година. Должноста шеф на државата ја извршуваше до 26 февруари 2004 година кога загина во авионска несреќа во близина на Мостар.