Груевски: Не се откажуваме од лустрацијата, треба да се стави крај на едно црно минато

Според премиерот Никола Груевски, кој најави измени на законот кој ќе влезе наскоро во собраниска процедура, треба да се стави крај на едно црно минато за да може да се чекори напред.

- Лустрацијата е како човек со гордо крената глава, а да има боцки во нозете. Ние почнавме да ги вадиме тие боцки, но некои од нив се чини дека се длабоко влезени и ќе треба повеќе работа и повеќе ангажман и малку сериозен отпор, бидејќи гледате со каков отпор се соочуваме со реакции на уставни судови, реакции на многу моќници, изјави премиерот Никола Груевски по пуштање во употреба на две нови лаборатории за ФИНКИ.

Тој потенцира дека овој процес требаше да почне уште во 90-тите, кога, како што рече, немаше интерес државата да се занимава со тоа и иако со огромно задоцнување треба да заврши. -  Да се стави крај на едно црно минато за да можеме да чекориме напред без такви флеки од минатото кои оставаат црни траги денес и кои на некој начин се уште се присутни во институции. Веројатно начинот на работење го спроведуваат така како што го правеле во времето кога со кодошење заради идеолошки и политички причини правеле пакост на некој друг за на себе да си донесат некоја материјална или кариеристичка предност, рече премиерот Груевски.

Во врска со изјавата на грчкиот министер дека треба да се реши името па Македонија да влезе во НАТО рече дека ќе се воздржи од коментар до претстојната средба со премиерот Лукас Пападемос. - Не би ги коментирал работите за да не создаваме лоша клима. Не сум ја слушнал изјавата, не знам дали сака да каже дека Грција нема да го почитува меѓународното право или нешто друго, рече премиерот.