Службата за итна медицинска помош во Охрид ќе добие нови амбулантни возила од набавката на Министерството за здравство

Дотраениот возен парк на Службата за итна медицинска помош во Охрид наскоро ќе биде обновен со нови амбулантни возила, чија набавка е во процедура, изјави денеска во Охрид министерот за здравство Никола Тодоров.

- Почнавме имплементација на проект за набавка на 80 амбулантни возила, како и едно возило специјално изработено за потребите на педијатрија. Тие ќе бидат распределени во сите градови во Македонија каде што има итна мединцинска помош, имајќи ја предвид ситуацијата со амортизираноста на возниот парк. Некои од нив ќе бидат наменети за Службата за итна медицинска помош во Охрид, рече министерот Тодоров.

Во врска со новата медицинска опрема инсталирана во болницата во Охрид, но и во другите болници во земјата, рече дека во Министерството е формиран посебен тим што го следи проектот од повеќе аспекти, не само за обезбедената апаратура, туку и а нејзината искористеност.

-  Дел од опремата се користи, но не се користат целосно нејзините можности, како резултат на несоодветна обука на персоналот и недостаток на соодветни знаења и вештини за нејзино користење. Затоа и изготвивме посебна програма за обука на кадар во здравствениот сектор, за што поефикасна искористеност на новата медицинска опрема, рече министерот за здравство. 

За поуспешно работење на здравствените институции, Тодоров најави и дека наскоро ќе бидат претставени т.н. индикатори на успешност на менаџерските тимови во сите здравствени интитуции во земјата, што ќе бидат дел од сите менаџерски договори.

- Тоа се менаџерски индикатори за успешност што ги имаат разработено земјите-членки на ОЕЦД, а препорачани се и од Светската здравствена организација. Нив ќе ги прилагодиме кон нашиот здравствен систем и ќе им ги наметнеме како обврска на менаџерите. На тој начин, целата јавност ќе може да го евалуира квалитетот на нивната работа, рече Тодоров.