Конституиран Комитет за адресирање на препораките од конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР за парламентарните избори

Во Владата на Република Македонија денеска беше конституиран Управувачкиот комитет за адресирање на препораките од конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР за предвремените парламентарни избори 2011 година. Првите порепораки на кои ќе се фокусира Комитетот се поврзани со изборната легислатива и избирачкиот список.

- На денешната седница дојдовме до заклучок дека за најважните прашања кои се потенцирани во последниот завршен извештај - избирачкиот список и легислативата треба да формираме работни групи кои ќе работат во рамки на Државната изборна комисија и Министерството за правда. Тие до средината на март треба да ни достават информации, а до крајот на март ќе се сретнеме уште еднаш за да видиме до каде сме стигнати за прашањата за кои се заложивме денеска, изјави по конститутивната седница вицепремиерката за европски прашања Теута Арифи, која претседава со Комитетот.

Таа додаде дека  на седницата не било потенцирано за какви измени во легислативата треба да се размислува и оти нив треба да ги предложи Министерството за правда откако ќе направи своја анализа за препораките од последни од извештај на ОБСЕ-ОДИХР.

Вицепремиерката појасни оти на седницата била утврдена динамика кои треба да бидат обрските на Комитетот и работните групи и кои се резултатите што треба да бидат постигнати до крајот на јуни годинава, со цел, како што рече да се подобри изборниот процес, иако последниот бил оценет како транспарентен, отворен и демократски.

Шеф на мисијата на ОБСЕ во Македонија Ралф Брет по седницата истакна дека ќе дадат целосна поддршка на македонската Влада во, како што рече, доведувањето на изборните практики во целосна согласност со меѓународните стандарди.

- Комитетот треба да дефинира активности и јасни и реалистична работна агедна со цел да се адресираат последните препораки на ОДИХР што произлегуваат од последниот извештај за изборите во 2011 година, рече Брет.

Тој додаде дека во последниот извештај се нотираат 25 препораки од кои дел се приоритетни дел не, поради што било одлучено предност да им се даде на приоритетните.

Во Комитетот, покрај Арифи која е претседавач, членуваат министрите за правда, за внатрешни и надворешни работи, амбасадорите на ОБСЕ, ЕУ и САД, како и претседателот на ДИК и претставник на граѓанската асоцијација МОСТ.