Груевски најави отворање академии за фудбал, кошарка, ракомет и тенис во средното фискултурно училиште во Скопје

Премиерот Никола Груевски денеска ги пушти во употреба двете двојни тениски игралишта во општина Илинден, изградени по највисоки стандарди на светската тениска асоцијација, како дел од владиниот проект за изградба на 100 тениски игралишта низ Македонија.

Тој информира дека една третина од планираните тениски игралишта се веќе изградени, а годинава најверојатно целосно ќе бидат завршени две третини од игралиштата, а следната година очекувањата се да се заокружи комплетно проектот за изградбата на 100-те тениски игралишта.

- Од оваа учебна година во средното фискултурно училиште во Скопје ќе започне како пилот проект академии за фудбал, за кошарка и за ракомет. Сакавме годинава да почне и Академијата за тенис, но се уште не најдовме целосна подготвеност кај тениските работници во Република Македонија, чие што инволвирање е многу значајно, затоа што учениците мора да имаат дополнителна настава и работа со познати тенисери од сегашното и минатото, изјави Груевски.

Тој изрази надеж дека веќе следната година и оваа федерација ќе биде подготвена и заедно со неа да се основа Академија за тенис, со што овој спорт ќе стане многу подостапен за младите, за разлика од минатото кога со него можеа да се занимаваат само одредена категорија лица.

Пред присутните, меѓу кои градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски, директорот на Агенцијата за спорт и млади Лазар Поповски, пратеници и поголем број жители на Општината, премиерот Груевски најави дека Владата ќе продолжи со проектите за изградба на 100 повеќенаменски игралишта, кои би можело да бидат целосно завршени оваа и идната година, а се во интерес на спортистите и на сите граѓани.

- Македонија покажа дека може да победува, а таквиот процес мора да се поддржи. Македонската Влада, на тоа поле, заедно со градоначалниците веќе неколку години макотрпно работи и подготвува терен за новите генерации македонски спортисти и репрезентативци, рече претседателот на Владата на Република Македонија.

Агенцијата за спорт и млади и Владата на Република Македонија преку изградбата на спортската сала „Гоце Делчев“ дел од проектот „35 спортски сали“, двете помошни фудбалски игралишта дел од проектот „50 фудбалски игралишта“, потенцира директорот Поповски, и со денешното пуштање на тениските игралишта, придонесоа општина Илинден заслужено да го носи предзнакот спортска Општина.

Градоначалникот Стојановски, упатувајќи благодарност до Владата, меѓу другото, нагласи дека Општината и во иднина како приоритет ќе ги има изградбата на спортски објекти, во кои младите ќе ја градат својата подобра иднина.