Премиерот Заев во вториот дел на седницата за пратенички прашања: Верувам дека до крајот на 2019 година ќе го пуштиме преминот Клепало, праведното оданочување ги носи парите во социјалата

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, одговараше на пратенички прашања и во продолжението на седницата за пратенички прашања во Парламентот.

Премиерот Заев најави дека очекува до крајот на 2019 година да биде отворен граничниот премин Клепало, за што рече дека е радосна вест за граѓаните на Берово, Делчево, Штип и пошироко во источниот регион, со оглед дека беше најавен за крајот на 2020 година.

„Македонија ги има обезбедено сите финансиски средства и верувам дека до крајот на 2019 година, ќе имаме можност да го пуштиме преминот во употреба“, рече премиерот Заев.

Тој оцени дека граничниот премин Клепало е одраз на пријателството и Договорот со Бугарија и дека е од огромно значење и за граѓаните на Македонија и за граѓаните на Бугарија. Соопшти дека постои подготвеност за реализација и од бугарска страна. Дека се работи на заокружување на изведбата на инфраструктурата од двете страни.

- Планираме да направиме и one-stop-shop, за побрз проток на стоки. Коридорот 8 ни е многу важен. Очекуваме економски перспективи на овој регион и од македонска и од бугарска страна, рече премиерот Заев.

Тој посочи дека отворањето на граничниот премин за граѓаните од овој дел од Македонија, ќе значи нови фабрики и можности за поголем пласман на земјоделските производи, како и развој на туризмот, за што е заинтересирана и Бугарија.

Премиерот Заев најави дека дополнително се работи и на комплетирање документација за уште една гасоводна линија, дека олеснувањата со роамингот меѓу двете земји се во завршна фаза, дека се работи на набавка на електрична енергија за двете земји, како и на нови гранични премини меѓу Македонија и Бугарија и Македонија и Грција.

„Мислиме дека брзо ќе бидеме членка на ЕУ, треба да отвориме инфраструктурни перспективи на граѓаните, тоа ќе значи и повеќе пари и споделување култура и традиција, а тоа ќе значи и европеизација на Македонија“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата го објасни и значењето на законите за ПИОМ и на економските закони, за коишто целта е да стапат на сила од 1 јануари.

„Законот за ПИОМ има импакт од 1 јануари, овозможува стабилизирање на дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, рече премиерот Заев“, додавајќи дека кон тоа ќе придонесе и очекуваното зголемување на бројот на вработени.

Премиерот Заев посочи дека импактот од правичното оданочување треба да се гледа од агол на тоа што се добива, „грубата бројка е 25 милиони евра, додадовме 12 и станаа 37 милиони евра, што ќе ги вратиме на социјалата.“ Тука премиерот Заев го посочи драстичното зголемување на бројката корисници на детски додаток, како и на корисниците на социјална помош.

- Тоа е и зголемување на потрошувачката, а воведува социјална праведност, објаснивме, фирмите се запознаени, посочивме на сериозноста, убаво ќе биде од 1 јануари да влезат во сила, станува збор за даноци и придонеси, веруваме дека ќе бидат подготвени и фирмите и граѓаните, рече меѓу другото премиерот Заев, на седницата за пратенички прашања во Собранието на Република Македонија.