Премиерот Димитриев во посета на Смилковци

 Премиерот Емил Димитриев денеска беше во посета на населеното место Смилковци за да се запознае со начинот со кој се справуваат институциите и жителите со последиците од поплавите.

Димитриев беше информиран дека сите куќи се веќе исчистени, дезинфицирани, приклучени на електрична и водоводна мрежа и оти во моментов се работи на расчистување на двата канала кои поминуваат покрај селото. Едниот канал, во должина од 1.200 метри, како што кажаа мештаните, пред поплавите општина Гази Баба целосно го исчистила што многу помогнало да се намалат штетите од поплавата. Тој е речиси целосно исчистен, а во моментов се чисти и проширува големиот канал во должина од 1.500 метри кој очекуваат во иднина да ги заштити од слични елементарни непогоди.

Министерот за внатрешни работи Митко Чавков, кој е координатор на активностите за расчистување на поплавеното подрачје, го информира премиерот Димитриев дека со изградбата на двата канала ќе се реши проблемот на жителите на Смилковци. Нагласи дека во Смилковци и во околните села кои беа зафатени од поплавите се тампонирани вкупно 14 километри патишта, меѓу има и некои кои претходно воопшто не биле тампонирани.

- Селото е целосно оспособено за живеење, вратени се и струјата и водата и како што завршуваме со работите механизацијата се дислоцира и се носи во подрачјата каде што е попотребна и се носи во Сингелиќ и Стајковци, рече Чавков.

Премиерот Димитриев нагласи дека помошта на жителите ќе продолжи се додека не се вратат имотите и куќите во провобитната состојба.

- Во ред е да им се помогне на луѓето и да се направи нешто што не било направено претходно. Ситуацијата на терен е драстично подобрена, но треба да се искористи присутната механизација за да им се помогне на луѓето. Ние веќе доделивме бесплатна нафта, а ако е потребно ќе доделиме уште за да се отстранат сите последици од невремето, рече Димитриев.

Жител на Смилковци роден 1927 година му порача на премиерот Димитриев дека не памети слично невреме како ова.

- И досега имало големи дождови и по малку сме се поплавувале, ама вакво невреме во живот немам видено, рече тој

Жителите на Смилковци информираа дека во должина од 400 метри имало направен насип од песок и кал од невремето и биле зафатени сите куќи што се наоѓале помеѓу двата канала. Ситуацијата на терен, како што рекоа, е видно подобрена и се отстранети сите штети од наносите и куќите се оспособени за живеење. Побараа на местото каде поминува водата од собирните канали под главниот пат да се стават цевки со поголем пречник или, пак, да се изгради мало мостче. Кажаа дека првично под патот имало само една цевка со пречник од илјада милиметри, но лани ставиле уште една толкава цевка со помош на општината. Сметаат дека и двете цевки не се во состојба да ја примат целата вода и затоа бараат да се стават поголеми цевки со пречник од 3.000 милиметри или, пак, да се направи мост.