Спасов: Децата, жените и изнемоштените да се преселат за полесно расчистување на теренот

Во Стајковци шест дена по невремето се работи на расчистување на куќите и дворовите. Се вади калта, сметот, уништените материјали од домовите, а почнат е и процесот на дезинфекција.

Ова го истакнува министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, кој информира дека на околу една четвртина во текот на вчерашниот ден е извршена дезинфекција во Стајковци и дека се  очекува околу три четвртини да бидат завршени во текот на денешниот ден и да се продолжи во текот на утрешниот ден.

- Тој процес не е едноставен, имаме континуирано чистење на улиците, бидејќи отпадот од домовите се префрла во дворовите, од дворовите на улиците и тука механизацијата е целосно посветена со голем фокус на улиците што беа најпоплавени куќите и домаќинствата кои беа најоштетени, изјави денеска Спасов.

Тој додаде дека се реализира и препораката на Владата на РМ за сите деца до 13 години, бремени жени, децата со своите мајки и стари неподвижни лица времено да се преселат кај роднини и пријатели надвор од ова населено место со цел да може полесно да се исчисти теренот.

- Така целата оператива, целата механизација, сите работници кои се дојдени систематски да пристапиме кон чистење на теренот, како и процесот на дезинфекција непречено да продолжи, бидејќи е полесно и поедноставно кога координирано ќе се настапи во соработка со припадниците на војската, на полицијата и сите луѓе кои се тука присутни, и волонтери и работници.