Почна изградбата на патот Дупјачани - Небрегово

Во општина Долнени денеска почна изградбата на локалниот патот с. Дупјачани – с. Небрегово во должина од 3,6 километри, инвестиција од 21 милион денари, средства од Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој.

На означувањето на почетокот на градежните работи присуствуваа министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски

Градоначалникот на општина Долнени Боше Милошески ги информираше Груевски и Мисајловски дека набргу ќе почне и изградбата на патот од село Мраморани – до крајот на општина Долнени, како и други патиштата кои ќе почнат да се прават до крајот на годинава.

Градоначалникот Милошески информираше дека се гради и водовод во село Дреновци, а се очекува за три месеци да биде решен и проблемот со водата за пиење.

Во моментот, нагласи градоначалникот Милошески, се прави експропријација по што на барање на жителите ќе биде изграден и патот од село Дупјачани до село Дреновци, како и патот Бело Поле. Најави дека се планира и изградба на спортска сала во село Долнени.

Груевски потсети на неговата посета лани на овој крај и потенцира дека се што е ветено се исполнува и ќе се продолжи со помош за оваа општина за да бидат решени основните проблеми на жителите од овој крај.

Груевски спомена дека постои и можност за вработување во двете странски инвестиции „Гентерм“ која до крајот на месецот официјално ќе отвори погон, а до крајот на годината ќе има до 700 вработени, како и можност за вработување во компанијата „Акомпласт“.

Градоначалникот на Долнени меѓу другото потенцира дека досега во патна инфраструктура во должина од 40 километри помогнала и Владата.

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски информира дека на општината и стојат на располагање финансиски средства во висина од 400 илјади евра од Европската инвестициска банка од каде што за инфраструктура за општината досега се искористени 500 илјади евра.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ја посети и родната куќа на Блаже Конески во село Небрегово, како и спомен куќата на Пеце Атанасовски во Долнени.