Демант од Владата за неможноста на премиерот Груевски да присуствува на претстојната средба во Брисел

Не навлегувајќи во мотивите и намерата на дел од медиумите да се направи тенденциозна манипулација во јавноста, во интерес на вистината и објективното известување сакаме да информираме дека претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, нема да биде во можност да присуствува на средбата која во недела ја организира претседателот на Европската Комисија, г-дин Жан Клод Јункер, од причина затоа што во предвидениот термин премиерот Груевски ќе престојува во претходно договорена и организирана посета на Обединетите Арапски Емирати каде што ќе има средба со високи претставници од политичкиот и економскиот живот на земјата домаќин. На средбата со г-дин Јункер, по претходен договор меѓу македонските институции, ќе присуствува претседателот на Република Македонија г-дин Ѓорге Иванов.

Ги демантираме дезинформациите и неточните наводи на ТВ Телма, која спротивно на новинарските стандарди не побара став од македонската Влада за нивната објавена дезинформација, дека неприсуството на премиерот Груевски на средбата со г-дин Јункер е од други причини кои се различни од претходно наведената, а тоа е претходно договорената посета на македонскиот премиер на Обединетите Арапски Емирати.

Дополнителен демант за неточната и невистинита теза објавена на ТВ Телма е фактот што денеска и утре премиерот Груевски, присуствува и учествува во работата на Конгресот на Европската народна партија од позиција на која на истиот конгрес присуствуваат германската канцеларка Меркел, шпанскиот премиер Рахој, унгарскиот премиер Орбан, ирскиот премиер Кени, летонската премиерка Страујума и други европски лидери, а на кој конгрес присуствува и учествува во работата и претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер.